Шаховска анегдота: Кој е првиот македонски велемајстор?

004 robert veleski mile taleski

Долгогодишниот новинар од Прилеп, Миле Талески, беше присутен на неодамна одржаниот рапид турнир насловен како „3 ноември“ по повод ослободувањето на градот, при што со присутните евоцираше спомени и анегдоти од минатите времиња кога во овој град имало два шаховски клуба и повеќе турнири.

– Дали знаете кој е првиот шаховски велемајстор од Македонија? – праша поранешниот известувач на југословенскиот спортски весник „Спорт“. – Само да знаете, не е Никола Митков …

Бидејќи настана штама, Талески ја продолжи својата ангедота, раскажувајќи за една случка која ја лоцираше временски по стекнувањето на независноста на Македонија.

– Георги Трингов беше велемајстор кој живееше во Пловдив и доаѓаше на повеќе турнири во Прилеп. Во еден разговор ми рече, не е Никола Митков првиот македонски велемајстор, тоа сум јас. Го запрашав дали смеам да го објавам тоа, а тој се согласи. Откако сторијата се појави во весниците, по само неколку дена тој ми пристапи и ми покажа телеграма дека го викаат да го напушти турнирот и да се врати во Бугарија. Сепак, тој не го направи тоа, остана и го доигра турнирот до крај, но мислам дека за малку не успеа да го освои. Од тогаш, не се видовме повеќе.

Трагајќи по информација за Георги Трингов, од македонскиот велемајстор Трајко Недев дознавме дека тој од поодамна е починат.

– Имам пријатни спомени од соработката со Трингов, кој своевремено беше и мој тренер. Од денешен аспект можам да кажам дека имаше неповторлив осет за извесни потези, иако понекогаш не умееше теоретски да ги објасни или докаже. Сепак, во искуствата што ги имав со него јас и Звонко Стојаноски, со тек на времето тие потези беа докажани. За добрината на Ѓорѓи Трингов немам што да додадам освен дека кога одев како помлад на турнири во Бугарија секогаш наоѓаше начин да ми помогне. Не сум знаел дека се изјаснил како Македонец, со него никогаш не сум разговарал на таа тема. Но, тој во неколку наврати беше и тренер на нашата репрезентација, токму во времињата кога беа постигнувани најголемите успеси. Мислам дека во 2001 година на ЕП во Леон, Шпанија а потоа дојдоа Рустемов, Кураица и Влатко Георгиев на другите натпреварувања. Би било пожелно и денес да имаме секунданти од таков калибар во репрезентацијата, би ни биле од голема помош,- изјави Недев за „Дерби“.

Википедија“ го третира Георги Трингов (1937 – 2000) како бугарски шахист, кој станал втор велемајстор од оваа земја во 1963 година и имал највисок рејтинг во 1968 година (2717). Претходно во 1959 ја освоил титулата светски студентски шампион во шах. Тој во 12 наврати ги бранел боите на Бугарија на шаховските олимпијади, најчесто на втора или трета табла. На своето последно учество во 1982 година, на Олимпијадата во Луцерн, играл на првата табла. На Олимпијадата во 1968 година во Лугано, играјќи на втората табла освоил бронзен медал со Бугарија за трето место во генералниот пласман. Во три наврати бил шампион на Бугарија, и тоа најпрвин во 1963 година, а потоа откако престанал да игра за репрезентацијата во 1981 и 1986 година.

 

georgi tringov kniga korica

Facebook Коментари