Поврзете се со нас

Македонија

Сејдини: Понудив да пратиме приватен авион за Пандев само за да игра против Косово!

Објавено

на

Во пресрет на историскиот 12 ноември, датум со огромно значење за нашата фудбалска репрезентација кога го играме финалниот бараж со Грузија во Лигата на нации за пласман на Европското првенство, денеска во јавноста со свои коментари излезе првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини, кој најпрвин се заблагодари на медиуми и на јавноста за големата поддршка за победата над Косово.

На брифингот со новинарите тој појасни дека поради лични семејни причини бил повлечен во комуникацијата, но побара директни прашања за да се одговорат сите работи за кои се плетат „чапшиски муабети“. Најголемо внимание секако привлече неговата изјава за тоа како ја доживеал критиката од Горан Пандев дека никој не му се јавил да го праша како е додека тимот на Џенова беше во карантин поради неколку случаи со фудбалери кои биле позитивни на Ковид-19.

– Пандев е во право кога се секира, тој навистина беше во тешка ситуација. Но, јас секој ден разговарав со селекторот Игор Ангеловски, тоа е каналот на комуникацијата. И кога раководев со клуб, никогаш не зборував директно со играчите, туку со тренерот. Додека траеше таа комуникација и нашите луѓе преговараа за Пандев да дојде, јас на Ангеловски му кажав дека ако е потребно ќе пратиме и приватен авион, само за да го имаме на средбата со Косово. Не дознав дали таа моја порака му е проследена на капитенот, но за среќа овој разговор го правев во присуство на други луѓе и тоа лесно може да се провери и потврди. Имам голема почит кон Горан, тој е капитен, лидер, човек кој ја обединува репрезентацијата, имам високо мислење за него и навистина му се восхитувам. Сакав да се видам и разговарам со него по средбата со Косово, но имав смртен случај во најблиското семејството и не бев во можност да бидам заедно со репрезентацијата. Чекам прва прилика да се видам со него,- истакна Сејдини.

Темата за обновата на договорот на селекторот исто така е обработена во медиумите, но Сејдини не гледа ништо драматично во тоа и негира каков било конфликт со актуелниот шеф на стручниот штаб на репрезентацијата.

–  Јас еднаш веќе го продолжив договорот со Ангеловски и тој има важност до 31 декември 2020 година. Демантирам дека преговарам со други тренери и дека имам готово решение за негова замена, само сакам работите да одат по вистинскиот пат. Едноставно, ни јас не знам дали ќе бидам претседател на ФФМ, ни претстои редовно изборно собрание. Согласно измените кои ги усвоивме во 2018 година, секој може да се кандидира со поддршка на Општински фудбалски сојуз. Треба да заврши финалето со Грузија, да се направи оценка за сработеното, да се дефинираат идните цели, па страните да седнат и да преговараат.

Претседателот на ФФМ открии дека од страна на федерацијата во неколку наврати биле исплаќани премии, како за освоеното прво место во групата, така и за победата над Косово, но ако се изборат за пласман на ЕП, фудбалерите ќе добијат дополнителни три милиони евра!

– Моја цел е Македонија да се пласира на ЕП и јас сакам да помогнам тоа да се случи колку што можам со моите постапки! Ако се пласираме на ЕП од УЕФА ќе добиеме бонус од 7,5 милиони евра. Управниот одбор одлучи 40 проценти или три милиони евра да бидат за фудбалерите и тоа е веќе официјално!

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни