Самсоненко пред Нова Година ќе го соопшти наследникот на Раул?

raul

Откако беше лиферувана веста за трансферот на Раул Гонзалес во Париз Сен Жермен, започнаа шпекулациите околу неговиот наследник на кормилото на европскиот ракометен првак од Скопје.

„Дерби“ дознава дека сопственикот на клубот, Сергеј Самсоненко, се подготвува пред новогодишните празници да го реши ова прашање, бидејќи ракометната елита веќе од средината на јануари ќе биде во Хрватска каде што ќе се игра Европското првенство. Тајмингот за оваа одлука е пресуден, за да може новиот предводник да почне да комуницира и со играчите кои би дошле во Вардар бидејќи на повеќе досегашни играчи им завршува договорот. Фактот дека некои нови имиња кои се поврзуваа со Вардар, како Стипе Мандалиниќ, веќе избраа други клубови, укажува дека одлуката мора да биде донесена побрзо за да можат играчите да ги добијат потребните информации околу визијата на тренерот за нивните идни настапи во дресот на Вардар.

Јавноста шпекулираше со повеќе имиња, но вистината е дека се уште нема паднато дефинитивна одлука. Големи шанси им се даваат на актуелните помошници на Раул, Давид Дејвис кој веќе долги години е со Вардар, како и на Роберто Гарсија Парондо кој му асистира во репрезентацијата, а исто така и е помошник во ЖРК Вардар. Ова се базира на претпоставките дека Сергеј Самсоненко го доведе Раул како поранешен асистент на Талант Душебаев и му го довери „црвено-црниот“ тим.

Facebook Коментари