Роси со емотивна изјава по шокантното повлекување на Лоренцо од мотоциклизмот

rosi-motul

Хорхе Лоренцо ја изненади комплетната мото јавност со денешната прес-конференција која ја одржа во Валенсија, на која најави дека овој викенд ќе ја вози својата последна трка во богата кариера исполнета со многу освоени трофеи.

Петкратниот шампион пред очите на своите колеги и новинарите потврди дека донел тешка одлука за повлекување од мотоциклизмот, откако му станало јасно дека нема сила да се бори против тешките повреди кои значително зачестија во последната година. Лоренцо едноставно не се пронајде во новата средина, а проблемите кои ги имаше во адаптацијата со Хонда резултираа со неколку тешки падови, кои на крајот го натераа трикратниот Мото ГП првак да стави крај на патешествието на само 32 години.

Оваа одлука на Лоренцо беше прифатена со огромен шок и во падокот, а како и што се очекуваше, посебно внимание се обрна на изјавата која ја даде Валентино Роси кој имаше свои подеми и падови во односот со поранешниот тимски колега.

– Лоренцо е еден од најважните возачи во модерната ера на нашиот спорт и еден од најголемите ривали во мојата кариера. Губиме многу важен дел од овој спорт со неговото повлекување. Тоа е вистинска штета, се работи за голем возач. Но, секој има свој интерен часовник и одлучува кога е доста. Искрено, имавме добри и лоши моменти. Имаше подеми и падови, а падовите беа во 2015-та година. Имавме и многу чисти битки и беше навистина фантастичен тимски колега, секогаш претставуваше голема мотивација за мене, – изјави популарниот „Доктор“.

Facebook Коментари