Рос Браун го најави концептот за Формула 1 по 2020 година

ros braun vo mercedes 2012

Поранешниот инженер, Рос Браун, кој го замени Берни Еклстоун на лидерската позиција во Формула 1, верува дека спортот може да се реструктуира и го најави концептот за кој ќе се дискутира на седницата закажана за 7 ноември во Женева.

Ова беше прва сезона на Браун во новата улога, откако претходно тој беше еден од најзаслужните за успесите на Михаел Шумахер во Бенетон и Ферари, а потоа и како тимски шеф на Хонда, па на сопствената екипа и на крајот во Мерцедес.

Формула 1 е на крстопат во моментов. Повеќе години наназад немаше структура што ќе ги развива спортските, техничките и финансиските рамки во кои се случува спортот. Тимовите се обидуваа самите да ги носат правилата, а како инволвирани во натпреварувањето, тие не беа најдобрите за тоа. Сега ја имаме таа организација, таа структура. Со мене има инженери, технички луѓе, финансиски стратези кои се грижат за бизнисот, за да ја подобриме одржливоста и да ја подобриме конкурентноста на сите тимови. Така, ќе имаме подобри трки, а тоа е она што ме врати во Формула 1, можноста да го сторам тоа,- вели Браун.

Тој е оптимист и најавува дека следниве месеци ќе ги претстават идеите што ги имаат, па ќе работат со тимовите на нивното рафинирање. Една од главните поенти е дека помалите екипи мора да имаат шанса за победа, додека засилувањето на емоциите кај публиката е исто така ставено меѓу приоритетите.

– Сакаме правилна рамноправност, сакаме најдобриот да победи. Но кога тој ќе има слободен ден, сакаме некој од средината да истапи напред и да победи во трката. Тоа е одлична приказна, тоа е убаво нешто за спортот и сакаме да го охрабриме тоа. Сакаме екипа од средината кога ќе ангажира одличен возач одеднаш да почне да победува.

За разлика од дискусијата за спортските правила со таканаречената Стратешка група, техничката страна на спортот ќе треба да се усогласи со ФИА, како надлежна за овие правила. Генералната идеја е да се задржи основата на сегашните мотори, но технологијата да се поедностави, а новиот формат да предизвикува емоции кај публиката.

– Иако сегашните мотори се чудо на современото инженерство, тие не ја задоволија публиката. Имаат низок број на вртежи, тивки се, па не ги предизвикуваат емоциите на наин на кој што посакуваме. Новите мотори ќе бидат чекор во таа насока. Погонскиот систем е несоодветно скап, но за големите фабрики со свои тимови тоа е океј, тоа е дел од пакетот. Но, ако треба да го платите како корисник, трошоците се исцрпувачки. Трошоците денес се два пати поголеми отколку што беа пред да се воведат овие правила. Сега сме во фаза на подготовка на правилата за 2021 година и сето ова е голем фактор, бидејќи е дел од концептот за одржливост.

Според објаснувањата на Браун, оние со повеќе пари ќе имаат помалку можности да ги инвестираат за да стигнат до перформанси што би им донеле победа. Тој очекува поддршка од фабриките за кои вели дека се наоѓаат во „злобна стапица“ да имаат големи буџети со цел да стигнат до победа. Контролата врз буџетите нема да влијае да се наруши „она што е ДНК на Формула 1“ туку само да се доведе на одржливо ниво. Претстојните состаници се дел од долгиот процес кој мора да се случи, но пред да има конкретна акција мора да има и многу дискусии на таа тема со сите релевантни чинители на Ф1 заедницата.

Facebook Коментари