Поврзете се со нас

Македонија

РК Алкалоид утре ќе го одигра првиот официјален натпревар

Објавено

на

Новоформираниот македонски ракометен клуб Алкалоид утре ќе го одигра својот прв официјален натпревар и тоа во рамките на македонската Прва лига.

Во натпреварувањето во кое ќе се натпреваруваат 19 тимови, РК Алкалоид ќе ја отвори сезоната против Металург-РА, а средбата се игра од 12 часот во салата во СЦ „Борис Трајковски“.

Во составот на РК Алкалоид се млади и талентирани ракометари кои биле или се членови на младинските категории на македонската репрезентација, но и сениорскиот тим.

Дресот на РК Алкалоид во неговата прва натпреварувачка сезона ќе го носат и голманите Иван Галевски, Ѓорѓи Ерманоски, Валентино Штаковски, бековите Мартин Серафимов, Игор Ѓоргиев, Теодор Тодески, Олег Јорданов, Михаил Ивановски, Божидар Илиески, кружните напаѓачи Кристијан Симоноски, Марко Стојковиќ, Дамјан Георгиевски и крилата Дарио Кофилоски, Александар Стојков, Мартин Димовски, Михајло Костовски.

Тренер ќе биде нашиот реномиран стручњак и селектор на сите женски селекции, Љубомир Савевски, а во стручниот штаб се и Бранко Ангеловски, Биљана Црвенковска и Влатко Котески.

– РК „Алкалоид“ е формиран со цел младите таленти кои имаат потенцијал и желба за игра правилно да се насочат и да се развиваат, во насока на градење врвни ракометни играчи со позитивни животни вредности. Со организација на стручната работа, РК „Алкалоид“ ќе се стреми да им овозможи на играчите квалитетен и напреден тренажен процес, со цел нивно натамошно развивање и градење како врвни ракометари кои ќе ги вложуваат своето знаење, искуството и позитивните вредности во македонскиот ракомет, – велат од клубот.

Утрешниот натпревар меѓу РК Алкалоид и Металург-РА ќе може да го следат само вакцинираните граѓани кои ќе прикажат сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) против вирусот SARS-CoV-2, односно за примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест КОВИД 19, или сертификат/потврда за прележан КОВИД 19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лицата над 18-годишна возраст. Поради евиденција на вакциналните сертификати при влез од редарските служби, вратите за влез во салата ќе бидат отворени до 11:45 ч.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни