Шах
Ристо Кизов: Фанатикот што не ги сакаше калкулациите

Вредноста на Ристо Кизов за македонскиот шах е многу поголема отколку што може да се забележи со „голо око“ и неговата единствена титула од републичкото првенство освоена во 1973 година. Според новинските записи, тој станал државен првак издвојувајќи се сам на врвот со 9 поени од 11 кола, при што организацискиот формат бил Отворено првенство во Скопје со учество на рекордни 74 играчи. Но, зад тој блескав момент, во позадина се крие една несекојдневна љубовна приказна што изобилува со филмски заплети, кои пак кулминираат со настани што оставаат траен печат.
Ристо Кизов е роден на 12 декември 1944 година, во село Нерет, во околината на Лерин. Во виорот на граѓанската војна во Грција, како дете од фамилија на етнички Македонци, бил принуден да го напушти својот дом. Заедно со друга голема група на бегалци ги поминал пограничните планински појаси и пребегал во тогашната Република Македонија, која била дел од југословенската федерација. Патешествието го одвело прво до Битола, а потоа и во Прилеп, каде што го завршил основното образование сместен во детски дом. Со завршувањето на средното економско училиште се впушта во животот како полнолетен граѓанин кој започнува да работи и сам да се издржува.
Неговата шаховска биографија открива подеднакво несекојдневни моменти: обземеноста од шахот и желбата да го проучува ја искажал на мошне драстичен начин, стрижејќи ја косата „на нула“ – со цел да се одврати самиот себе од социјализација со врсниците. Денес објаснува дека тогаш таквата „фризура“ се сметала за срамна, веројатно типична за затвореници. Но, тој во неа видел решение, бидејќи си обезбдил слобода за она што го сакал. Подеднакво фанатично реагирал неколку децении подоцна кога решил да се откаже од шахот поради неправди кои му предизвикале болка – сопствената богата библиотека која броела неколку стотици наслови ја уништил за никој да не може да ја искористи. Неговите деца го учеле шахот од нивната мајка, Лидија, која исто така била шахистка и државен првак во својата конкуренција, а подоцна никогаш не отишол да ги гледа кога решиле да играат на турнири. Едноставно речено, се посветил на својата нова пасија – фотографирањето.
Но, периодот на неговата активност, помеѓу 1957 и 1982 година, всушност е времето во кое Ристо Кизов е дел од шаховската сцена во Македонија, односно „златното доба“ на оваа игра која била прифатена од сите и уживала голема популарност. Од шаховскиот клуб во Прилеп, преку младинските и сениорските републички и сојузни првенства, Ристо Кизов се издигнал до незаборав: илјадници победи, трофеи на поединечен и екипен план, создавање историја во дописниот шах и етаблирање како идол на младите шахисти кои во него гледале супер-херој!
ДЕРБИ: Приказната за децата бегалци од Егејска Македонија е мошне потресно сведоштво за геноцидот врз македонското малцинство во Грција по Втората светска војна, на што се сеќавате вие од тоа детство?
– Настаните од моето детство ме дефинирале на некој начин, иако не по моја волја. И денеска мислам дека длабоко во себе бев несреќен бидејќи го загубив семејството и едноставно ништо не ме радуваше. Имав 13 години кога допатував во Битола, на 14 септември 1957 година. Ги посетив моите роднини, кои ме задржаа кај нив, но подоцна се отвори Детски дом и ме сместија таму како дете на загинат учесник во конфликтот. Две години подоцна, ме префрлија во Прилеп, во домот „Кузман Јосифовски Питу“. Тогаш почнав да се интересирам за шахот кој многу се играше во тоа време и беше популарен, особено во домот, каде што меѓу другите питомци имаше неколкумина силни шахисти. Желбата да играм и победувам против тие деца и младинци на почетокот ми даде голем стимул. Во домот научив да играм шах со помош на воспитувачот Кирил Пејчиновски од Ресен, а мечтаев да стигнам до прва категорија за да можам да ги победувам другите „домци“. Дури и напишав писмо до шаховскиот сојуз, им се обратив за некаква шаховска литература, по што добив некои книги по пошта.
ДЕРБИ: Избравте да се зачлените во шаховски клуб за да учите од оние кои ја владееле древната игра?
– Се зачленив во шаховскиот клуб во Прилеп, а таму на почетокот се мајтапеа со мене: „еве го малечкиот што знае теорија, а не знае да игра“. Сепак, во Прилеп бев одлично прифатен и се спријателив со повеќето шахисти, меѓу кои беа и браќата Џајкоски, со потекло од Мариово. Најчесто играв со Митре Џајкоски, Атанас Дулев, Благоја Дамески – Левата, Мице Башески и Никола Милошески.
ДЕРБИ: Имаше ли некој што се издвојуваше и беше Ваш идол?
– Идол ми беше тогашниот актуелен шампион Михаил Таљ, кој до титулата стигна во 1960 година, за кој и денес имам високо мислење. Многу му даде на шахот, го сметам за еден од најголемите на сите времиња. Јас тогаш започнував со проучувањето на шахот и за да не излегувам од собата едноставно ја истрижив целата коса. Тогаш таа фризура воопшто не беше популарна, напротив! Го направив тој чекор за да се демотивирам од излегувањето надвор и да можам да се посветам на учењето шах. Најмногу учев анализирајќи ги партиите на Таљ. Подоцна уште посилно бев опчинет од Фишер кој се појави како дете и успеа сам да проникне во шахот против сите руски противници, но од него не преземав идеи во играта.
ДЕРБИ: Резултатите стигнаа мошне брзо и беа над нивото потребно само да се победат питомците во домот…
– Во 1960 година почнав со освојување на четврта категорија, а во 1962 година стигнав до прва категорија. На младинско првенство отидов за прв пат во 1962 година како младински првак на Прилеп, кога стигнав до делба на второ и трето место во Македонија. Од денешна перспектива, лесно ми одеше со шахот и затоа продолжив да го играм.
ДЕРБИ: Таа „леснотија“ е забележлива со брзиот напредок и влезот во елитното шаховско друштво за само неколку години. Како дојдовте да играте на републичките првенства на Македонија?
– Во 1963 година се квалификував за околиското сениорско пррвенство преку двомеч со Мице Башески. Беше нерешено 2:2 и со победа во последната партија успеав да се пласирам. Тоа околиско првенство широко ми ги отвори вратите од шаховскиот свет. На тој турнир бев второпласиран, со што обезбедив пласман на сениорското првенство на Македонија во 1964 година. Во 1965 година повторно обезбедив пласман на завршниот турнир, но овој пат преку квалификации. Имав впечаток дека тоа првенство беше најсилно од сите. На него победи Васил Панов, а јас бев втор, но зад мене останаа повеќе славни имиња како Софревски, Данов, Џајкоски, браќата Димитар и Борче Илиевски…
ДЕРБИ: Интересно е дека од тогаш постојано сте во врвот, но дури по десет години во 1973 година стигнавте до титулата. Имате ли своја анализа, како дојде до тоа? Дали можеби беше полесно бидејќи беше Отворено првенство?
– Во тие години, шахот во Македонија беше на мошне високо ниво, бидејќи во 1972 година беше Олимпијадата, а претходно од 1967 година започнаа со организација со „Турнир на солидарноста“. Да бидам искрен, во тие години на сите ни беше паметот во Фишер, и јас само сонував да добијам шанса да играм со него. Македонските играчи не ми претставуваа предизвик, оние посилните кои ја знаеја мојата снага ми нудеа реми. Некои пак, ги избегнуваа републичките првенства бидејќи или беа разочарани од наградите или од односот на дел од шахистите или на дел од раковдството. Имаше многу неправди и тоа не ми носеше задоволство. Јас лично имав ситуација да ми биде негирано учество на „Турнирот на солидарноста“ со образложение дека сум немал одело и поради тоа ќе настапи друг шахист. Затоа, кога го освоив првото место во 1973 година, можеби длабоко во мене тоа донесе некоја сатисфакција, но наместо задоволство и уживање во моментот, некако стравував дека повторно ќе ми биде одземено или негирано. Мислам дека Отворено првенство се организираше само поради фактот дека шахот имаше невидена популарност по одржувањето на Олимпијадата, а кај мене или кај другите играчи немаше разлика во пристапот. Ако играш добро и цело време си при врвот нема значење бидејќи цело време играш со силни играчи. На турнир организиран по Бергеров систем има повеќе тактизирање, некои играчи наменски се подготвуваат за други. Оние што се фајтери, не се плашат, сеедно им е.
ДЕРБИ: Сепак, и другите податоци говорат дека тие години се едни од најсилните во шаховската биографија на Ристо Кизов. Имено, од три настапи на првенствата на Југославија, оној во 1972 година го донел најголемиот успех на сојузно ниво, со делба од 9 до 11 место? Потоа и турнирот во Бари, со 6 место од 200 играчи?
– Тоа е точно, на тој турнир игран во Сутоморе имаше 260 учесници, па пласманот беше навистина импресивен. Сепак, треба да се знае дека другите двајца кои според Бухолц-критериумот се најдоа на 9 и 10 место, согласно пропозициите беа промовирани за „мајстори“, додека јас не ја добив таа титула и останав „мајсторски кандидат“. И тогаш не успеав да се изнарадувам на успехот поради тој момент. На југословенските шампионати учествував и потоа, а во една прилика се побунивме и побаравме некои промени во Шаховскиот сојуз, по што бевме суспендирани. Некои велемајстори добија помилување, па побарав и јас, но го добив меѓу последните.
ДЕРБИ: Всушност, враќањето во шахот коинцидира и со промовирањето на мајсторската титула?
– Да, за таа мајсторската титула за која сонував уште како дете, чекав уште 10 години. Има една анегдота, каде што некаде во 1980 година требаше да го освојам турнирот „13 ноември“ во Скопје, односно на две или три кола пред крајот ми требаше само половина поен. Јас во тоа време работев во скопската фабрика за цемент и некоја од колешките која прочитална во весниците, однапред ми ја честиташе титулата, мислејќи дека се е готово. Но, за мене тоа не беше така. Во тоа време циркулираа многу гласини за наместени мечеви и јас помислив дека можеби некој сака да „ме намести“. Не можев да живеам со таква мисла, и кога излегов на партијата со Дамљановиќ одиграв неколку потези и предадов. Подоцна ме уверуваа дека немало никакви заткулисни игри, но јас не сакав да слушам, едноставно сакав да знам дека е заслужено. Така, во 1981 година повторно играв на турнирот и по голема борба во последното коло против интер-мајсторот Огњен Цвитан, ремизирајќи стигнав до второ или трето место, искрено не се сеќавам, а со тоа и титулата „мајстор“.
ДЕРБИ: Тоа е само една од повеќето анегдоти од шаховската биографија, но има и други: двомечот со Џајкоски по завршувањето на кариерата или пак фамозното „реми“ со Љубомир Љубоевиќ..
– Тој двомеч се случи иако веќе ставив крај на играчката кариера, но беше на инсистирање на Џајкоски. Тој имаше проучувано одредени позиции и сметаше дека има можност да одигра нов потег, новитет кој не бил игран претходно. Ме заинтригира, а дополнително требаше да се игра во Прилеп, град каде што израснав и ја поминав младоста. Прифатив, немав срце да одбијам бидејќи се чувствувам прилепчанец, таму ме прифатија како свој. Мечот беше ревијален и заврши 2:2, но теоријата на новитетот ја соборив на табла. Со Љубоевиќ пак, се сретнавме на еден турнир кој беше организиран на сојузно ниво. Имав два-три пешака предност, но тој рекламираше повторување на потезите и судиите го прифатија тоа. Веројатно ќе беше засрамен да изгуби од некој непознат, а беше двократен шампион на Југославија. При една подоцнежна средба, сепак ми се извини велејќи дека направил превид.
ДЕРБИ: Фактот дека повеќето ривали ја проколнувале ждрепката кога ќе ве добиеле за противник, придонел за да се изгради имиџ на бескомпромисен фајтер. Како гледате на сето тоа од денешна дистанца, помладите играчи токму поради тој пристап ве сметале за еден од нивните идоли…
– Шахот се игра за да победуваш, а не за да калкулираш. Јас никогаш не сакав да калкулирам, а тоа не ми донесе пријателства, напротив. Убаво е да се чуе дека сум бил идол на помладите, но во тие времиња нешата не беа поставени како сега, класична улога на учител и ученик. На помладите шахисти како Љубиша Андоновски, Роландо Реџепагиќ Кутиров, Драгољуб Јаќимовиќ, Иван Кочоски и други, всушност им бев како секундант пред некои важни натпреварувања за нив. Тие самите учеа и се посветуваа на играта, а тоа беше нешто што јас го ценев, па затоа сакав да им помагам, за разлика од денеска кога децата сакаат да слушаат предавања од други…
ДЕРБИ: Еден дел од Вашата кариера е поврзан и со дописниот шах? Каква сатисфакција пронајдовте во него?
– Да бидам искрен, многу тешко се сеќавам на тие настани, иако се од поблиското минато, во средината на осумдесеттите. Благодарение на книгата што ја подготви ФМ Љубомир Хаџи Манев за дописниот шах во Македонија, се освежија спомените за тие настани. Јас неколку пати „заминував“ од шахот бидејќи не можев да го трпам неправдите, а дописниот шах беше малку поинаков. Сепак, не се играше во класични услови, имаше време за размислување и уживање во играта, а добив шанса да ги бранам боите на Македонија на сојузните турнири. Со колегите останувавме и анализиравме партии и потези, се работеше навистина пријателски. На таканаречениот Петти турнир на републиките и покраините во дописен шах за 1981/82 година, јас играв како петта табла, за на крајот да бидам третопласиран во својата конкуренција, со само половина поен помалку од првите двајца. Мојата сопруга Лидија беше прва во нејзина конкуренција со 7 бода од 8 партии. На Шестиот турнир во 1984/85 јас бев на првата табла, освоив 5,5 поени од 8 партии, а Македонија го освои турнирот. На Седмиот турнир во 1986/87 година повторно играв на прва табла и го освоив второто место поединечно.
ДЕРБИ: Ја споменавте и сопругата Лидија, но и Вашите синови се дел од македонскиот шах. Од Вашите современици имам слушнато дека важите за „најшаховско семејство“ во Македонија…
– Мојата сопруга во класичниот шах исто така беше државен првак за 1974 година. Синовите Атанас и Владимир самостојно решија да се занимаваат со шахот, јас не сакав да ги насочувам поради моите непријатни искуства како играч. Сепак, и двајцата постигнаа респектабилно ниво и денес работат како шаховски тренери. Атанас стигна до титулата Интернационален мајстор и беше на делба на првото место во шампионатот на Македонија во 2000 година, а во 2005 година освои и велемајсторска норма. Владимир освен како тренер, работи и како шаховски судија, а од 2007 до 2010 година беше член и на Управниот одбор на Шаховската федерација обидувајќи се да помогне за развојот на шахот во Македонија. Искрено се надевам дека нивните кариери во светот на шахот ќе им донесат задоволство и среќа.
-
АТПпред 22 часа
Ѓоковиќ откри што му кажал на Алкарас: Видов дека се мачи…
-
АТПпред 23 часа
Алкарас се повреди и застана, Ѓоковиќ рутински до седмото финале во Париз
-
Светпред 19 часа
Руни: Нема да му биде лесно на Меси во МЛС лигата, нема да дојде и…
-
Шпанијапред 24 часа
Реал се засили со соиграч на Димитриевски (ВИДЕО)
-
Шпанијапред 21 час
Димитриевски е на листата на потенцијални засилувања за Реал
-
АТПпред 9 часа
Алкарас откри што било главна причина за неговите проблеми: Кој го вели спротивното за Ѓоковиќ, тој лаже!
-
Англијапред 22 часа
Нема да може да се расфрла со пари: Њукасл има ограничени финансиски средства за летниот преоден рок
-
Лига на шампионипред 19 часа
Де Брујне пред финалето со Интер: Секогаш е истата приказна…