Поврзете се со нас

Македонија

Рико Вуков тестираше на Имола на две седмици пред првата трка!

Објавено

на

Првиот и единствен официјален (претсезонски) тест за италијанскиот Порше Карера Куп се одржа на патеката „Дино и Енцо Ферари“, лоцирана во близина на Болоња, како загревање за јубилејната 15. сезона за трките од оваа серија, во која автомобилите се подгготвени според ГТ3 хомологацијата на ФИА.

Во ова натпреварување втора сезона по ред ќе учествува и македонскиот возач Ристо Вуков, кој настапува за тимот „GDL Racing“, кој е сопственост на Џанлука ди Лоренци, поранешен пилот во италијанската Формула 3, како и учесник на многу други автомобилски натпревари.

– Првиот впечаток ми е дека конкуренцијата е зголемена за 50%, што е навистина многу. Лани се натпреварувавме меѓу 22 и 25 возила, а за оваа сезона има пријавени 37 возачи! Од она што го знам, повеќето се подготвени да ја возат целата сезона, бидејќи лани поради пандемијата не учествувале, но има и многу нови таленти кои доаѓаат од светот на картингот каде што го достигнале врвот на свои 18 години и сега ги прават првите чекори во светот на тркачките автомобили токму преку оваа серија. Како фаворити се очекува да бидат актуелниот шампион Симоне Јакинта, заедно со ривалите Давид Фуманели и Џанмарко Карезмини. Од шампионатот на ТЦР Италија во Порше Карера Куп прејде и Алесандро Џиардели, за кого ни укажаа дека „не излегува“ од возилото и зимава има преку десетина приватни тестови. Нема поента да се жалам кога сезоната уште не е почната, но сепак свесен сум против какви „ѕверки“ треба да се борам и дека треба да дадам максимум од себе!

Тестирањето само по себе не донесе големи изненадувања, напротив, се покажува уште еднаш дека серијата е добро осмислена и дека во услови на голема изедначеност ќе одлучуваат нијанси.

– Времињата покажуваат дека првите 15 можат да возат во интервал од една секунда. Нашата цел и лани беше да бидеме континуирано во „топ 10“, и успеавме во тоа, а се надеваме дека оваа година можеме и подобро. Да, сега ќе има повеќе конкуренција, но сепак за мене ова е втора сезона и имам подобра комуникација со инженерите, ги запознав патеките и има услови за напредок. Очекувам на некои патеки да бидам побрз можеби и половина секунда во однос на лани, што би било фантастичен успех. Од друга страна, свесен сум дека недостатокот од тест километри може да биде пречка за напредок на бавните и технички патеки. Оваа година во тимот на ЏДЛ рејсинг нема да има втор возач и целата поддршка ќе биде за мене, но како што велат, тоа е „меч со две острици“, па недостатокот на тимски колега на патеката значи дека нема помош и размена на податоците за сет ап, ниту пак за покомплексни зафати како возење во заветрина на квалификации или соработка во трките.

Овој тест на Имола, за разлика од претходно одржаните два приватни теста во Мизано и Муџело конечно се одвиваше со возење на сува патека.

– Имаше две сесии, од 9 до 13 часот и од 14 до 18 часот. На почетокот имаше забележливи разлики, но потоа сите бевме генерално изедначени. Новина ми беше дека од толку автомобили и од толку поминати километри, се случи да добиеме „нагумирана патека“ и тоа почна да ми се одразува на шетлувањето. Едноставно, немав „прв волан“, мораше да го подместувам возилото. Интересно искуство, ново чувство, но тоа ретко се случува на трка, бидејќи во гран при викенд се вози поинаку. Првите две патеки на кои што ќе возиме, Мизано и Муџело, успеав да ги поминам во текот на зимата, но сегашните услови беа разлика „небо и земја“. Очекувам за мене да биде потешко на нив, отколку на брзите патеки како Имола и Монца, но ќе бидат добар показател каде сме и колку сме напредувале во зимскиот период. Имола е трета патека, една од оние кои ми се допаѓаат, бидејќи има делници на кои навистина се бара храбро и брзо возење. Веќе реков дека „топ 10“ ни е долгорочна цел, за сите трки, но очекувам дека на некоја од омилените патеки ќе имам „свои пет минути“ и дека тогаш би можел да се наметнам покрај големата конкуренција и да стигнам до големиот сон, подиум и македонско знаме!

Со календарот се предвидени шест гран при викенди, а во секој од нив има по две трки (сабота и недела). Првите возбудувања се на 5 и 6 јуни, кога се возат трките во Мизано. На 3 и 4 јули се предвидени трките во Муџело, а на 24 и 25 јули е Имола. Втората половина на сезоната започнува со трките на 18 и 19 септември на Валелунга, а завршни се трките на 2 и 3 октомври на Франчакорта и 30 и 31 октомври на Монца.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни