Рибера ги посочи најсилните страни на Македонија и испрати предупредување до своите играчи

ribera-race

Шпанската ракометна репрезентација како голем фаворит ќе влезе во утрешниот дуел со Македонија во рамките од првото коло во разигрувањето во Вараждин, но сепак и фаворизираната „фурија“ со посебно внимание гледа на нашата селекција која во досегашниот тек на Европското првенство е најпозитивното изненадување.

Македонија со три бода влезе во главната фаза на турнирот и исклучително добра вест е тоа што не претрпе ниту еден пораз, па токму поради тоа нема што да загуби против Шпанија која со години наназад игра во завршниците на големите натпреварувања.

Колку Шпанците ги почитуваат нашите ракометари најдобро ни опишува и изјавата која ја даде селекторот Жорди Рибера, кој покрај тоа што го посочи утрешниот дуел како финале за неговите играчи, се обиде да ги открие и најсилните страни на нашата селекција.

– По поразот од Данска порачавме дека останува со сите шанси за да стигнеме до полуфиналето, но исто така тоа не стави во ситуација да немаме право на грешка. Ни преостануваат три финалиња, а првото е со Македонија кое го играме утре. Раул остави трага секаде каде што отиде, така е и сега во Македонија. Неговите тимови имаат сопствен стил и истиот носи навистина позитивни резултати. Резулттите на Македонија во групата се извонредни, – потенцира Рибера за шпанските медиуми и додава дека нападите „7 на 6“ е тактика на која неговите играчи мора да обрнат внимание.

– Тоа е формула која тие ја користат веќе подолго време и навистина се многу ефективни. Тоа сигурно ќе биде една од опциите кои ќе ги користат против нас. Мора да бидеме подготвени за тоа. Исто така, една од силите на Македонија е тоа што игра преку пивотите, особено преку Стоилов кој е играч кој ги собира и топките и кои се ниско до земјата. Тоа е навистина комплицирано за ривалите, а исто така тука е и Талески кој покрај силниот удар, тактички е навистина многу добар, – заклучува Рибера.

Facebook Коментари