Поврзете се со нас

Свет

ЕКО Рели Акрополис 2024: Ожие се преврте во клучен момент, Нувил ја предводеше 1-2-3 победата на Хјундаи

Објавено

на

Фото: Jaanus Ree / Red Bull Content Pool

Тјери Нувил триумфираше на Рели Акрополис 2024, кое заврши со најдобро можно сценарио за Белгиецот, но и неговиот тим Хјундаи кој целосно го пополни подиумот во Грција.

Лидерот во генералниот пласман влезе со предност во последниот натпреварувачки ден, но без преголема еуфорија со оглед на екстремните услови и ризикот на предвидените етапи, кои беа надополнети со промените на подлогата предизвикани од утринското невреме.

Најголемиот ривал, Себастијан Ожие, имаше сериозен проблем со турбо полнењето и своите перформанси во петокот, го подобри впечатокот во саботните етапи, а денеска не само што успеа да потврди дека не планира да се откаже од шампионските амбиции, туку стигна и до втората позиција во генералниот пласман.

Така беше до последната, „пауер“ етапа, во која Ожие направи една лоша проценка во свијок и целосно се преврте со својот GR Yaris, па на тој начин остана без шанси да ја спречи доминацијата на Хјундаи.

Во оваа ситуација секако најважно е што Ожие и неговиот колега Ланде поминаа без повреди, но на крајот на Рели Акрополис, позитивно за францускиот екипаж е што некако успеа да ја комплетира етапата, па заслужено си ги освои поените кои ќе му бидат додадени во генералниот пласман.

Фото: Jaanus Ree / Red Bull Content Pool

Зад победникот Нувил, на Рели Акрополис се пласираа неговите тимски колеги Дани Сордо и От Танак, а Естонецот сега се искачи на второто место во генералниот пласман, истиснувајќи го Ожие на третата позиција. Најголемиот ривал од таборот на Тојота по овој викенд заостанува 38 поени зад лидерот, со напомена дека на последните три рели викенди од ВРЦ шампионатот се достапни најмногу 90 поени.

Рели Акрополис 2024 по добро нема да го памети ниту Велшанецот Елфин Еванс, кој по неколку различни проблеми со автомобилот во сите натпреварувачки денови, не можеше да избегне полоша ситуација на табелата, па заминува од Грција со речиси недостижно заостанување од 52 поени.

Само втората победа за Нувил сезонава, но и доминацијата на победничкиот пиедестал донесе зголемување на предноста на Хјундаи и во поредокот на конструкторите. Тојота нема да се предаде до крајот, но во моментов заостанува 35 поени во оваа битка за престиж во најелитниот рели шампионат.

Фото: Jaanus Ree / Red Bull Content Pool

Следниот натпреварувачки викенд е од 26 до 29 септември и тоа во Чиле, а за Нувил ова ќе биде шанса дополнително да и се приближи на толку посакуваната прва ВРЦ титула во кариерата.

Сами Пајари со втор параметар стигна до победа во ВРЦ2 категоријата, иако и Роберт Вирвес имаше исто време на крајот на последната етапа.

Специјално за „Дерби“ од ЕКО Рели Акрополис 2024
  – Блашко Вељановски

Advertisement
Advertisement

Италија

Advertisement

Популарни