Red Bull Can You Make It 2018: Совети и трикови подготвени од македонските учесници во претходното издание!

rbcymi 2016 - tips 1

Уникатната авантура во која тричлените студентски тимови ја крстосуваат Европа благодарение на полните џебови со лименки Ред Бул во 2018 година носи нови предизвици за најснаодливите.

Македонија во 2016 година за прв пат имаше свои претставници во тројката што ги здружи силите на сопствениот факултет (ФИНКИ), односно беше сочинета од Марко Рочевски, Борис Соколов и Волхан Салаи. Тие беа меѓу ретките кои стигнаа до крајната дестинација (Париз), односно го освоија 67. место во три пати побројна конкуренција. Нивниот резултат беше втор од сите екс-југословенски тимови, односно само една (од трите) словенечки екипи се најде пред нив!

Победничкиот тим „Feel Alive“ од Естонија имаше 580 бода за својата авантура, при што македонската тројка не успеа да избори повисок пласман поради малиот импакт што го предизвика на социјалните мрежи, а што се бодува исто колку и поминатите километри, или пак извршените задачи на попатните меѓу-станици. Во своето патешествие, тимот Бо-Ро-Во помина 1.609 километри, со четири попатни станици и потрошија 112 лименки Ред Бул.

Фаза 1: Правење видео

„Искрено, ние не сакавме да потрошиме ниту еден денар и решивме се да направиме сами, иако многумина се обидоа да ангажираат професионалци. Клучно во нашиот спот беше појавувањето на баба ми и искрено можам да кажам дека по неа го препознаваа нашето видео. Не плативме ниту на „Facebook“ за да се рекламираме, а сепак успеавме да влеземе меѓу финалистите. Мислам дека беше пресудно токму тоа што жирито виде во нас потенцијал за добра забава, дека имаме желба да се натпреваруваме со креативност, а не со кеш“, се присетува Марко Рочевски.

Совет: Направете еден добар брејнсторминг, секој нека каже како го замислува видеото пред да ги гледате видеата од минатите изданија. Пробајте да направите видео кое луѓето ќе го паметат. Без разлика дали вашиот најсилен атрибут е хуморот, спортот или видео едитинг, откријте го истиот и искористете го. Бидете оригинални и направете нешто различно од останатите. Нека не ве плаши доколку немате професионална камера или опрема за снимање, обичен смартфон ќе ви заврши работа.

Фаза 2: Собирање гласови

Вториот дел од пријавната кампања е процесот на гласање. Ќе имате десет дена во кои ќе треба да соберете што повеќе гласови за вашето видео да влезе во финалето. Потрудете се вашето видео да биде што повеќе споделувано на социјалните мрежи за да добие публицитет. Тимот „Бо-Ро-Во“ во оваа фаза два пати се појавуваше во медиумите, преку некои интернет портали, додека ги одби оние кои им барале пари за таквата промоција.

Трик: Во оваа фаза треба да ги убедите останатите дека вие сте вистинскиот тим кој заслужува да учествува во Red Bull Can You Make It 2018. Однесувајте се како веќе да сте на појдовната точка и снимајте дополнителни видеа, смислувајте начини како да станете вирални со фотографии или релевантни настани какви што ве очекуваат на патувањето. Покажете дека навистина го сакате тоа, дека веќе го живеете. Дали тоа ќе го направите преку интересни видеа, споделувања во медиумите или преку настан на вашиот факултет, потрудете се да бидете забележани. Бидете сигурни дека судиите итекако ќе го ценат тоа. Изборот на тимот кој ќе учествува во настанот нема да биде заснован само врз квалитетот на видеото, туку и врз трудот кој сте во вложиле во целиот процес и влијанието кое ќе го направите. Еден пример кој му донесе многу гласови на нашето видео: Волхан Салаи потекнува од Куманово и ние упорно ја користевме фразата: Помогнете му да стане првиот Кумановец што стигнал во Париз. Вистина е дека денеска тој ги продолжи студиите токму во Париз!

rbcymi 2016 - tips 2

Фаза 3: Учество на Red Bull Can You Make It 2018

„Кога поаѓавме од Скопје за Кардиф, едвај се убедивме самите да понесеме шатор и вреќи за спиење. Испадна дека тоа „ни го спаси животот“, буквално секој ден спиевме на улица, со исклучок на последниот ден кога спиевме во паркот кај Ајфеловата кула. Најбитно од се е да се има нескршлив дух, дури и кога 9 часа стопирате, а никој не ви застанува. Не смеете да дозволите да паднете со моралот и да помислите на откажување. Нам многумина ни помогнаа на нашиот пат до Париз, единствени кои не покажаа симпатии кон нас беа контролорите во возот. Картите ни важеле само до Париз, а не и за низ Париз, па ни напишаа казни кои ги чуваме како сувенири од патувањето“, додава Борис Соколов.

Трик: За побрзо движење низ градовите, препорачуваме да си земете тротинети или скејтборди.

Совет: Во вашиот ранец спакувајте ги само неопходните работи, бидејќи истиот ќе треба да го носите на вашиот грб во наредните 7 дена. Бидете пријателски настроени кон сите, бидејќи не знаете како истите луѓе можат да ви помогнат. Секогаш имајте на ум дека доколку не прашаш, нема да добиеш! Документирајте го вашето патешествие и објавувајте интересни работи секој ден, бидејќи на овој начин ќе добивате поени. Снимајте ги вашите видеа исклучиво на англиски јазик за да бидат објавувани во емисијата на RedBull. Најбитно од се, не гледајте на ова како наптревар, туку како авантура!

Посетете ја веб страната https://canyoumakeit.redbull.com/mk/ и дознајте уште повеќе детали за невозможната мисија. Авантурата која своето финале ќе го има во Амстердам ќе започне од пет различни градови во Европа, при што нема гаранции дека ако сте од Македонија ќе појдете од најблиската почетна точка (Будимпешта). Имајте предвид дека во 2016 година тимот Борово тргна од Кардиф, преку Даблин и Лондон до Париз. Апликациите можат да се поднесат до 15 февруари 2018 година во 0:00 часот.

Facebook Коментари