Поврзете се со нас

Формула 1

Ред Бул му „украде“ инженер на Мерцедес за развој на моторот

Објавено

на

Ф1 тимот со австриска натпреварувачка лиценца, Ред Бул, комплетно е сместен во Велика Британија каде што претходно оперираше како Јагуар, односно пред тоа како Стјуарт Форд кој влезе во елитното тркачко друштво во 1996 година, а сега дополнително се развива со изградба на свој оддел за производство на мотори.

Откако Хонда најави дека се повлекува на крајот од 2021 година, овој независен тим реши да го откупи нивниот мотор и да продолжи самостојно да го развива за потребите на екипата. Тимскиот шеф, Кристијан Хорнер, потврди дека прв човек на оваа операција ќе биде досегашниот инженер на Мерцедес, Бен Хоџкинсон. Досегашниот ангажман на овој инженер бил на позиција прв човек на одделот за механика, позиција што ја има уште од 2017 година, но речиси две децении работел за Мерцедес кој има своја фабрика за моторите во Британија,лоцирана во Бриксворт, а купена од поранешниот снабдувач на мотори во Ф1, Илмор Инженеринг.

Иако не е прецизирана дата за неговиот трансфер, Хорнер објави дека тие се договориле и дека останува само да истече неговиот договор со претходниот работодавач. Имајќи предвид дека Ф1 се соочува со година во која ќе има многу технички промени од следната сезона, можеби Мерцедес и ќе тактизира со неговото ослободување, иако речиси е сигурно дека тој нема да биде запознаен со тајните на екипата што се подготвуваат за иднина.

– Пресреќни сме што можеме да му посакаме добредојде на Бен во Ред Бул како технички директор на одделот за моторот. Тој се вклучува во овој возбудлив проект како докажан победник во трките, но и како иноватор кој е способен да води подеднакво иновативен тим на вешти инженери. Кога објавивме дека самите ќе го произведуваме моторот, всушност најавивме нова фаза од амбициите на компанијата во Формула 1, а тоа е да ги имаме сите аспекти за дизајн на болидот под еден кров и со тоа да ја земеме судбината во свои раце. Ултимативен израз на тој развој е моторот што Ред Бул ќе го подготви, а кој ќе мора да ги почитува правилата за следните генерации на агрегати во Формула 1. Неговото назначување ја сигнализира нашата долгорочна намера и ние ќе направиме се за да го поддржиме и него и неговиот тим со сите возможни ресурси кои се потребни за да се успее,- рече Хорнер.

Хоџкинсон е вториот човек од фабриката за мотори на Мерцедес кој заминува од тимот, откако лани во јуни својот отказ го врачи Енди Коуел, кој работел за нив 16 години, од кои последните 7 како директор на фабриката. Истовремено, досегашниот технички директор на тимот Џејмс Елисон најави повлекување од таа позиција, но ќе остане како технички менаџер во компанијата.

Од аспект на современоста, Хонда го остава проектот во рацете на Ред Бул откако ги имплементираше сите новини кои биле планирани за 2022 година, но по одлуката на компанијата да не остане во Формула 1, тие потврдија дека се потрудиле да ги имплементираат за 2021 година.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни