Раул дебитираше на ЕП водејќи ја Македонија до победа против „касапите од Триглав“

pribak-mesari

Македонската ракометна репрезентација го изведе на теренот она што го најави пред почетокот на Европското првенство во Хрватска, победувајќи ја фаворизираната Словенија во исклучително драматичен натпревар во Загреб кој беше проследен од навистина голем број македонски фанови.

Раул Гонзалес успеа да дебитира со победа на Европските првенства како селектор на Македонија триумфирајќи со 25:24, а покрај тоа што го надмудри искусниот лисец Веселин Вујовиќ, и овозможи на нашата селекција на најдобар можен начин да го стартува турнирот.

По бавниот старт на мечот и несигурното влегување во истиот, феноменалните одбрани на Митревски им овозможија на нашите репрезентативци да се вратат во игра, а секако дека огромно морално значење дека имаше и погодокот на Талески во последната секунда за израмнување на 11:11.

Ова им даде ветар во грб на „црвено-жолтите“ и во второто полувреме влегоа со фуриозни 4:0 за одлични 15:11, но сепак две сомнителни одлуки на судиите ги вратија Словенците во игра, па откако Македонија остана со два играчи помалку, брзо се врати егал ситуацијата. Од 45-та минута па до самиот крај, резултатот постојано се менуваше и се играше гол за гол, а во ситуација на голема нервоза на теренот, повеќе нерви покажаа нашите ракометари кои обезбедија 25:24 и го имаа завршниот напад на средбата.

Најдобар голгетер во нашиот табор беше Дејан Манасков кој во феноменалното второ полувреме стигна до бројката од осум гола, а одличен како и секогаш беше и капитенот Кире Лазаров кој постигна еден помалку. Митревски со своите девет интервенции имаше значителен придонес во победата, додека одличен на спротивната страна беше и Скок со 13 одбрани.

Facebook Коментари