Растовиќ демантираше: Иџе нема да се нуди да го замени Борковиќ

idze i miro

Инженерот Мирослав Растовиќ, кој воедно е тимски шеф на екипата АКК Стефановски и стои зад успесите на Игор Стефановски Иџе на кружни патеки, во изјава за „Дерби“ демантираше дека македонскиот возач би можел да биде „брза замена“ за Душан Борковиќ во првенството ТЦР Европа.

Душан Борковиќ беше суспендиран од ТЦР Европа заради неспортско однесување кое се повторило, иако Србинот обвини за нелојална конкуренција и неконзистеност во одлуките на стјуардите.

Растовиќ ја изнесе својата верзија за расплетот на сезоната во која македонкиот возач има лимитиран број на настапи поради некомплетирањето на потребниот буџет.

– Ве уверувам дека воопшто не размислуваме да „им се нудиме“ на менаџерите од Таргет (тимот на Борковиќ – н.з.) и дека сме посветени на планот Игор Стефановски да се врати на асфалтните патеки како член на македонскиот тим. За таа цел ги чекаме парите кои ни се ветени, а не ни се уплатени, пред се од државата. Стефановски има свој автомобил и е во можност да се бори за високи резултати, но за жалост е спречен од фактори кои се надвор од негова моќ. Дополнително, ние со Борковиќ имаме пријателски односи, па ни под разно не ни доаѓа на памет да ја користиме оваа негова незгода за да го преземеме неговото седиште во тимот.

На инсистирање на „Дерби“, дали е возможно по некаков основ Стефановски сепак да заврши зад воланот на автомобил подготвен од друга екипа, како што е Таргет, кој го покани Стефановски на тестирањата за ланската сезона во Римини, Растовиќ беше дециден.

– Вашето прашање е хипотетичко, па јас ќе одговорам хипотетички дека е возможно некоја екипа да се јави и да му понуди на Стефановски да вози за нив, бидејќи тој е веќе етаблирано име. Доколку добиеме таква понуда, ќе ја разгледаме и ќе донесеме соодветна одлука, но нема да платиме за такво седиште. Ако ги добиеме ветените пари, ќе настапиме со постојниот тим,- тврди Растовиќ.

До крајот на првенството ТЦР Европа има уште три трки, и тоа Ошерслебен (4 август), Барселона (22 септември) и Монца (13 октомври.

Facebook Коментари