Поврзете се со нас

Македонија

Работнички немаше милост во дербито и го приближи Вардар до втората лига

Објавено

на

Во скопското дерби кое се играше ова попладне на националната фудбалска арена „Тодор Проески“, домаќинот Вардар имаше многу поголем императив за освојување на сите три бода, но Работнички за кого овој натпревар немаше големо резултатско значење, на крајот не покажа милост и демонстрираше дека е далеку подобар тим од оној на Џиџи.

Вардар е се поблиску до втората лига и речиси со една нога е во понизок ранг на натпреварување, бидејќи по денешниот пораз и комплетниот расплет на останатите резултати, му преостанува да верува само во чудо во последните две кола. Со оглед на лошата форма и само едната победа во пролетниот дел од сезоната, „црвено-црните“ имаа можеби и последна шанса за спас оваа сезона, но во дербито со Работнички, брзо стана јасно дека постои огромна разлика во квалитет.

Работнички даде два гола во првото полувреме и дополнително ги фрустрираше вардарци, но по погодоците на Силјановски и Ѓурѓевиќ, Вардар пропушти неколку шанси за враќање во мечот, што се покажа како кобно по избраниците на Џиџи. Јевтовски погоди за 0:3 во 57-та минута и стави јасно до знаење дека Работнички ги осигура трите бода, а до крајот, Вардар само постигна почесен гол преку Петејчук за 1:3.

Со новиот пораз, Вардар е на четири бода од спасот и местата кои обезбедуваат бараж натпревари, а со оглед на тоа што преостануваат само два натпревари до крајот, јасно е дека потребно е чудо за да видиме опстанување на најтрофејниот македонски клуб кој е во сериозна финансиска криза.

На Вардар денеска не му одеше во прилог и тоа што Ренова победи против Беласица и побегна на четири бода од скопскиот тим, а таква позитива има и Академија Пандев пред последните две рунди.

Резултати од 31-во коло:
Пелистер – Академија Пандев 3:1
Ренова – Беласица 3:1
Шкендија – Струга 0:2
Шкупи – Македонија ЃП 0:0
Силекс – Борец 1:1
Вардар – Работнички 1:3

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни