Работнички и Куманово му реплицираа на Наумоски: Речиси сите клубови гласаа за недоверба кон неспособното раководство

naumoski-gavrilovska

Петар Наумоски остана на претседателската функција во Македонската кошаркарска федерација и по денешното вонредно собрание, а во својата изјава по изгласаната доверба од делегатите, посочи дека клубовите не се за негова смена, туку тоа е желба на одредени поединци.

На ова со заедничко соопштение реагираа кошаркарските клубови Работнички и Куманово, кои му испратија порака на првиот човек на МКФ. Во продолжение целосното соопштение на клубовите.

Почитувани,

Во одговор на изјавата на Петар Наумоски дека клубовите не биле за негова смена туку тоа било желба на поединци сакаме јавно да му порачаме дека само се залажува себе и неупатените поединци.

Факт е дека денеска клубовите од Прва лига мажи и жени скоро сите до еден со мали исклучоци гласаа недоверба на ова неспособно раководство. Гласаа недоверба зошто резултатите во кошарката откако тој ја презема се повеќе од очајни. Спортот и организацијата со која ние се гордеевме ја претвори во предмет за потсмев.

Ако Петар Наумоски мисли дека ја завршил работата со тоа што ќе владее со измислени здруженија кои за дневни потреби трипати ги менува и веќе никој не знае кој кого застапува и за која цел, грдно се излажал.

Ние, кошаркарските клубови со најголема традиција, важност и влијание, без намера никого да омаловажиме, јавно му порачуваме дека не ја прифаќаме одлуката тој да ја раководи со МКФ во наредните две години бидејќи таквата одлука е спротивна на Статутот, кој да биде сменет е потребно двотретинско мнозинство.

Оваа битка Петар Наумоски ја доби и му честитаме на мангупските финти и дриблинзи за кои му нема равен. Сепак за вистинско раководење на една сложена организација како што е МКФ потребно е многу многу повеќе и затоа борбата за подобро кошаркарско утре продолжува.

Клубови:
КК Работнички АД Скопје
КК Куманово

Facebook Коментари