Поврзете се со нас

Македонија

Првото интервју на Иџе: Има едно нешто што ќе ме направи подобар од лани!

Објавено

на

Игор Стефановски – Иџе денеска во Скопје го промовираше новото возило со кое ќе настапува во Европскиот куп на кружни патеки, што е највисока категорија на натпреварување на Стариот континент со туринг автомобили.

Во интервјуто за „Дерби“ тој открива детали зошто се одлучи во новата сезона да оди со свој тим, иако тоа бара многу повеќе средства отколку да возеше за странска екипа како минатата година.

ДЕРБИ: Честито нов автомобил, дали е се подготвено уште од сега за првата трка?

– Благодарам, задоволство ми е што „Дерби“ редовно ја информира македонската јавност за настаните во кои учествувам и за случките околу трките. За жал се уште не можам да кажам дека сме подготвени за првата трка, бидејќи има најавено надградба од страна на фабриката, којашто треба да биде испорачана непосредно пред првата трка. Во секој случај, имам возило кое одговара на спецификацијата за 2017 година, со моќни сопирачки, секвенцијален менувач, аеродинамика, издув и така натаму.

ДЕРБИ: Можеш ли да посочиш кој очекуваш да ти бидат главни конкуренти?

– Сите се ривали, нема главни или не-главни. Ова првенство е за докажани возачи, тука нема лоши пилоти, само поискусни и помалку искусни. Очекувам да има многу претенденти за тронот, најважно ќе биде приспособување кон новото возило. Тоа е речиси исто како она што го имав лани на последната трка во Имола, но потребно ми е време да се навикнам на него, тестирања кои изискуваат нови трошоци, а токму тоа ми е главниот конкурент со кој ќе се борам сезонава: средствата за покривање на трошоците за настап.

ДЕРБИ: Можеш ли да ги откриеш основните параметри на возилото, која е крајната брзина, колку коњски сили има и слично?

– Верувајте ми, ни јас не ги знам тие бројки. Дури и не ме интересираат, главно ми е да бидам рамноправен со другите и да не заостанувам со спецификацијата како што беше случај лани. Како нов тим немаме предзнаење и можеме да се „изгориме“ во одредени сегменти, па фокусирани сме на тоа да го запознаеме возилото подобро, да обезбедиме секакво парче алат кое може да ни биде потребно, или пак опрема како што се пневматиците за тестирање, трка, но и греачите за нив, и така во недоглед. Без луѓето од мојот клуб немаше да можам да го направам сето ова сам. Сакаме да покажеме дека со македонски тим можеме да се носиме со Европа и горди сме дека пишуваме историја.

ДЕРБИ: Каде ја гледаш својата најголема шанса за успех, има ли нешто што те прави посилен од лани?

– Да, има една работа која е од непроценливо значење. Екипата ќе биде со механичари од Македонија, се надевам на помош од инженери со кои соработував во минато, Мирослав Растовиќ и Жац Посавец. Сето тоа се луѓе во кои имам доверба, а лани тоа не беше добро вклопено. Довербата во возилото дека нема да ме издаде, дека е подготвено до врв, тоа е она што ми влева самодоверба. Возењето нема да биде проблем!

ДЕРБИ: Во генот на овој спорт е токму тоа дека финансиските проблеми можат да сопрат еден талент како тебе од постигнување врвни резултати. Дали барем малку ти се подотворија вратите на компаниите по лавовската победа во Имола?

– Мојот тим се што прави досега е благодарение на таа поддршка од македонските компании која во европски размери е недоволна за борба на врвот. Посакувам и во овој спорт државата да го подржи секој успешен возач, како што тоа го прави во другите спортови каде што нашите натпреварувачи се борат на европска или светска сцена. И другите компании од нашата држава треба да го препознаат моментот за поддршка на овој спорт, но и за сопствено промовирање пред аудиториум кој што се мери со милионски бројки на европскиот ТВ аудиториум. Освен „Еуроспорт“, тргите се пренесувани и од многу национални телевизии во нивните земји, кои се во нашето опкружување. Свесен сум за економската состојба и финансиските проблеми, но исто така сум свесен за бенефитот кој што може да го имаат, а македонското знаме и македонската химна на истиот подиум каде што биле Сена, Шумахер, Хамилтон мислам дека има своја тежина. Секако разговори и состаноци има и се надевам на успех. На крајот, ова не зависи од мене, туку од визијата на големите стопансвеници.

ДЕРБИ: Зад тебе е една сезона од Европскиот куп на кружни патеки, кои се искуства ги собра по напуштањето на Европското првенство на ридски патеки каде што две години доминираше?

– Во мојата прва сезона во овој шампионат видов и доживеав многу моменти, но може да кажам дека пред се она што го знаев и претпоставував се покажа дека е вистина. Во секој сегмент е вложен голем професионализам, врвна логистика, финансии кои за наши прилики изгледаат научна фантастика, но и уште многу работи кои не можам да ги доловам со зборови. Со право овој спорт го вбројуваат во еден од најскапите, највозбудливите и секако најдобрите. Директните преноси на „Еуроспорт“ се потврда за тоа ниво. Секако дека ова за мене беше ново искуство, но не треба да се занемарат моите досегашни достигнувања и успеси кои секако се плод на мојот претходен стаж, искуства од претходните шампионати, вештини и знаења. Мислам дека на ова прашање најкоректно и наједноставно би одговорил дека дициплината е различна, но бев соодветно подготвен, знаев во што се впуштам и напорно работев да не се почувствува недостатокот од возење кружни трки во блиското минато. Сметам дека успеав во тоа и дека сезоната и покрај сите осцилации ја завршив позитивно, па оттука би следело дека и навистина се чувствувам покомплетен отколку пред неа.

idze launch 006

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни