Поврзете се со нас

Македонија

Прва трка и први поени за Вуков во италијанскиот „Порше Карера Куп“

Објавено

на

Ристо Вуков дебитираше во новото натпреварување кое за него значи зачекорување на меѓународната сцена, освојувајќи го деветтото место и два бода, притоа демонстрирајќи борбен дух се до крајот на трката.

Викендов стартуваше италијанската едиција на „Порше Карера Куп“, при што денес на програмата беа квалификациите и првата трка, а утре се вози втората. Вуков настапува за GDL Racing, екипата на Џанлука дe Лоренци – поранешен пилот на италијанската Формула 3 кој ја заврши кариерата во 2007 година токму со второ место во Порше Карера Куп. Вуков со овој тим го имаше првиот настап во декември на патеката во Абу Даби.

Македонскиот пилот успеа да влезе во првата десетка на квалификациите, но одлучи да не се бори за подобра стартна позиција и да ги чува пневматиците кои му беа на располагање со идеја да има подобри перформанси во трката. На стартот тој успеа да избие на деветто место, по што во неколку наврати ги сменија позициите со Џовани Алтое.

Во првата половина од трката се издвоија седум возила, а Вуков остана во втората група, возејќи зад Мардини кој настапува под канадско знаме. Откако Алтое остана зад нив, нашиот „Рико“ со зрело возење и континуирано правење на притисок  ја напаѓаше осмата позиција, а во еден момент имаше и мал допир со Мардини, кој успеа да се одбрани. На тој начин Вуков не успеа да се доближи до водечката група и да се обиде да направи нешто повеќе, но стекна исклучително важно искуство за идните дуели со овие ривали кои и претходно настапувале во ова или други туринг натпревари низ Италија.

Втората трка на патеката Муџело од предвидените 14 за оваа сезона е на програмата изутрина со почеток во 10 часот. За следење на трката преку Интернет, како и одложено гледање на првата трка можете да кликнете на овој линк.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни