Професија од иднината: Спортски менаџмент

sportski menadzment

Меѓу младата популација насекаде низ светот, на спортскиот менаџмент се гледа како на многу возбудлива и особено добро платена професија. Сепак, тоа е само мал дел од целосната слика за оваа модерна и финансиски особено привлечна кариера. За оние кои имаат желба и можност да се посветат на професионално студирање на спротскиот менаџмент, оваа кариерна патека може да понуди далеку повеќе од само пари и возбуда.

Една од најекспонираните позиции во овој брзорастечки бизнис се секако ловците на спортски таленти – скаути. Тука се вртат најголемите пари и провизии за успешни бизнис-зделки од кои „боли глава“. Сепак, спортскиот менаџмент е многу повеќе од тоа. Дипломците од професионалните студии по спортски менаџмент имаат широк опсег на кариерни можности во најразлични професионални спортски организации, приватни компании кои се занимаваат со спортска логистика и промоција, продажба на спортска опрема или непрофитни организации кои работат во сферата на спортовите. Овие дипломци можат да настапат на пазарот како професионалци за менаџирање на спортски клуб или објекти за спортски настани, да водат грижа за маркетингот на клубот или за односите со јавноста, да подготовуваат, промовираат и спроведуваат спортски настани од најразличен вид и обем, како и да понудат експертски консултантски услуги на тимови и организации кои имаат потреба од експертиза во овој бизнис. Она што е најпривлечно кај ваквите студии е податноста за практикантство кое е од суштинско значење во оваа индустрија, при што најголемиот дел од потребните искуства ќе можат да ги стекнат „на терен“ уште во текот на своите студии.

Сите знаеме дека од врвните професионални спортисти се очекува „да го остават срцето на теренот“, но се почесто се очекува тоа да го сторат и во нивните заедници од каде доаѓаат. Многу професионални спортисти го користат својот социјален и финансиски статус за да им помогнат на ранливите групи во своите заедници и во тоа повеќе не се сами. Се почесто, спортските менаџери им помагаат на своите спортисти-клиенти да ги воочат потребите во своите заедници и да излезат во пресрет како остварени херои кои покрај гордост, кај своите фанови ќе да предизикаат и поголема почит, благодарност и нивна посветеност кон заедничкото добро.

Пасионираните љубители на спортот кои не успеале да изградат професионална спортска кариера преку спортскиот менаџмент имаат повторно можност да се посветат на спортот кој го сакаат, но овојпат професионално, како мајстори за водење на спортот како бизнис и на тој начин да останат блиску до својата пасија, но и да помогнат за јакнење и професионализација на својот омилен спорт. На овој начин, влегувајќи „позади завесата“ тие дознаваат дека возбудата и драмата на спортот е подеднакво интересна и тука, кај што се осмислува и овозможува „спортската претстава“ за која живеат со полно срце.

Професионалниот спорт и неговото менаџирање – опративно или стратешко – е еден од најголемите бизниси во светот денес. Без оглед на видот на спортот, оваа индустрија нуди можности за развој и постигнување на лично мајсторство во огромен број професионални области како што се: меѓучовечка комуникација, менаџмент, маркетинг, финансии, односи со јавност, применета психологија итн. Спортскиот менаџмент е високо-конкурентна и брзоменлива индустрија во која секој професионалец може да најде безброј можности за напредок, остварување и заработка. Останува само желба, посветеност и некротлива страст за спорт.

Пред. м-р Срџан Прокиќ

SrdzanProkic

Facebook Коментари