Поврзете се со нас

Формула 1

Пресврт од „кец во два“: Американскиот Ф1 тим Хаас ќе настапува со дизајн во боите на Русија, еве зошто!

Објавено

на

blank

Како што наближува стартот на сезоната во Формула 1, се претставуваат новите болиди на екипите, но наместо гламурозни настани како во минатото, тие се сведуваат на интернет пренос.

Иако ваквиот начин ги лимитира медиумите да извлечат добри приказни, сепак промоцијата на Хаас Ферари стана вирален хит поради графичкиот дизајн и изборот на боите кои се аплицирани на шасијата.

Белата, сината и црвената боја кои се препознатлив знак за Русија и нејзиното знаме, сега доминираат на овој болид, кој ќе биде управуван од Никита Мазепин и Мик Шумахер.

Дополнителен зачин во приказната е што Никита Мазепин иако е руски државјанин и неговиот татко е главен спонзор на тимот, сепак нема да настапува под знамето на Русија и не смее да има ознаки на оваа земја на својот комбинезон.

Причината за тоа е одлуката на Светската анти-допинг агенција (WADA) за суспендирање на руските спортисти на четири години од сите светски натпревари, поради тврдењето за систематски допинг и нивната недостапност за тестирања за време на Зимските олимписки игри во 2014 година. Ваквата одлука неодамна беше потврдена од Спортскиот суд во Лозана (CAS), но беше ублажена на две години.

Руските спортисти не смеат да настапуваат под руско знаме и да имаат никаков амблем на својата облека, а руската автомобилистичка федерација потврди дека истата се однесува и на возачите во Формула 1.

Оттука, кога беше откриен новиот дизајн на болидот, светската јавност почна да зборува за изигрување на правилата.

– Не е вистина дека сме сакале да ги заобиколиме правилата. Оваа идеја за надворешниот дизајн е од минатата година, многу порано пред да се знае за пресудата на WADA за руското знаме. Сега знаеме дека не можеме да го користиме руското знаме како руско знаме, но тие бои можеме да ги користиме на болидот. На крајот на краиштата, забраната вели дека натпреварувачот не смее да го користи руското знаме, а не тимот. Ова е американски тим,- одречно одговори тимскиот шеф Гинтер Штајнер.

Тој откри дека екипата била во контакт со ФИА и дека добиле појаснување дека нема да имаат потреба од дозвола за графичкиот дизајн.

blank

Засега се уште е непознато како ќе биде класификуван Мазепин, бидејќи има повеќе дозволени начини, еден е под знамето на ФИА, а исто така и како „неутрален спортист од Русија“, што е предвидено со судската одлука.

– Отсекогаш сум сакал да се натпреварувам во Формула 1, од кога знам за себе! Мошне е несреќна околност што оваа година кога ја остварив мојата цел, се случи ова. Сепак, ова не е одлука што јас треба да ја донесам. Преговорите за тоа како ќе бидам класифициран се уште се во тек и одлука не е донесена,- откри 22 годишниот Мазепин.

Сезоната на Формула 1 стартува со првата трка која треба да се одржи на 28 март во Бахреин.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни