Познато од колку часот ќе продолжи полуфиналето, Ѓоковиќ и Надал немаа ист став за единствената дилема

nadal-novak

Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал ќе мора да го доиграат својот полуфинален меч на Вимблдон денеска попладне, откако изминатава ноќ во Лондон се покажа како прекратка за да се доигра натпреварот кој започна многу подоцна од предвиденото.

Причина за тоа беше маратонскиот меч меѓу Андерсон и Иснер на централниот терен кој траеше речиси седум часа, а во прилог на Надал и Ѓоковиќ не одеше и тоа што во Лондон смее да се игра тенис само до 11 часот по локално време. Поради тоа, мечот беше прекинат веднаш откако Ѓоковиќ поведе со 2:1 во сетови во извонредниот тајбрејк во третиот сет, а потоа организаторите на Вимблдон соопштија дека продолжението од полуфиналето ќе стартува во 14:00 часот.

Тоа значи дека женското финале меѓу Серена Вилијамс и Анжелик Кербер ќе стартува веднаш по завршувањето на второто полуфинале во машка конкуренција, а рано наутро пристигна и информација дека Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ немале исто мислење за единствената дилема.

Неизвесно беше во какви услови ќе биде доигран мечот на централниот терен, бидејќи само во ситуација двајцата да побараат такво нешто, натпреварот ќе се доиграше во стандардни услови, односно под отворено небо. Надал бил за ваква опција, но бидејќи Ѓоковиќ инсистирал на тоа мечот да продолжи во исти услови, нивната пресметка и дефинитивно ќе биде рестартирана со затворен кров.

Facebook Коментари