Поврзете се со нас

Формула 1

После најневозможната трка во историјата на Ф1, објавата на Раиконен „стави сол на раната“!

Објавено

на

Финскиот автомобилист Кими Раиконен денеска објави дека на крајот од сезоната ќе се повлече од Формула 1.

Раиконен е возач кој го собори рекордот на Рубенс Баричело според бројот на настапи во трките од светското првенство во Формула 1, иако во текот на кариерата направи прекин и се испробуваше во други дисциплини како рели и НАСКАР.

 

– Тоа е тоа. Ова ќе биде моја последна сезона во Формула 1. Оваа одлука ја донесов последнава зима. Не беше лесно да се одлучам, но по оваа сезона е време за нови нешта! Иако сезоната се уште е во тек, сакам да му се заблагодарам на моето семејство, на сите мои екипи, на секој што беше инволвиран во мојата кариера и посебно на сите вас, одлични навивачи кои ме поддржувавте сето ова време. Формула 1 можеби ќе заврши за мене, но има многу други нешта во животот што сакам да ги искусам и уживам. Се гледаме наскоро кога сето ова ќе заврши. Искрено, Кими. – напиша Финецот на „Инстаграм“.

Воедно, тој е последниот возач кој освоил шампионска титула со Ферари во 2007 година. Неговото деби беше во 2000 година преку тимот Заубер, а сега во истата екипа ребрендирана во Заубер Алфа Ромео го дочека и пензионирањето. Метеорскиот прогрес на неговата кариера дојде во 2001 година како заменик за Мика Хакинен во Мекларен Мерцедес, кога неговиот сонародник реши порано да се повлече од трките. Потоа следеше трансферот во Ферари, освојувањето на титулата, 3-годишно отсуство, па враќање во Лотус Рено, Ферари и Алфа Ромео.

Раиконен го доби прекарот „ајсмен“ или „леден човек“ од страна на некогашниот тимски шеф на Мекларен, Рон Денис, со кој најдобро беше опишана неговата молчаливост и интровертност. Ќе останат запаметени неговите реплики преку радио врските со кои ги замолчуваше инженерите – велејќи им „знам што правам“!

Најголем „бисер“ веројатно е вклучувањето во живо со коментаторот Мартин Брандл, кога Михаел Шумахер се подготвуваше за старт во последната трка од првото поглавје во кариерата во Бразил 2006 година, а Раиконен објасни дека не го гледал омажот за Германецот бидејќи имал „зорт“.

За разлика од другите возачи кои често меѓу своите идоли ги вбројуваа најдобрите пилоти од историјата на овој спорт, Раиконен во неколку наврати му оддаде чест на Џејмс Хант, светски првак од 1976 година, кој беше познат по својот начин на живот како плејбој. Подеднакво бурен ноќен живот на почетокот на кариерата имаше и Раиконен кого папараците често го ловеа „под дејство на алкохол“ во британските барови, а кратко траеше и неговиот прв брак со Мис Скандинавија, Џени Далман. Сега тој е венчан со Мина-Мари Виртанен, а заедно ги имаат две деца: син Робин и ќерка Ријана Анџелија Милана.

 

 

 

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни