Поврзете се со нас

Европски првенства

Полјаците шокирани од одлуката за судијата за финалето на ЕП: Марчинијак е „ограбен“

Објавено

на

Фото: https://www.instagram.com/_szymonmarciniak

Делегирањето на судиите предизвика посебно внимание и на актуелното Европско првенство, пред се поради фактот што имаше неколку контроверзни одлуки, а дел од елитните судии беа испратени дома уште по групната фаза.

По многу шпекулации кој ќе го суди финалето, денеска УЕФА потврди дека истото му е доделено на францускиот арбитар Франсоа Летексие, што за 35-годишниот судија е најголем дострел досега и дури четврти натпревар на ова ЕП.

Ваквата одлука предизвика многу реакции, пред се во полските медиуми, каде новинарите и стручните коментатори се шокирани од фактот што Шимон Марчинијак останал без „очекуваната“ промоција за судија на финалето меѓу Шпанија и Англија.

Упатени се многу остри зборови на сметка на УЕФА, кои може да се сумираат со заклучокот дека полскиот судија е „ограбен“ иако заслужил да го добие најпрестижниот натпревар на турнирот.

Откако италијанскиот судија Даниеле Орсато беше испратен дома по четвртфиналето, со што отпадна од комбинација за финалето и елиминацијата на Мајкл Оливер поради настапот на Англија, Марчинијак беше сметан за прв фаворит, посебно што преостанатите конкуренти му беа Летексие и Турпан од Франција. Утеха за полскиот судија е што сепак ќе биде дел од спектаклот во Берлин и тоа како четврти судија на натпреварот.

За оние кои сметаат дека на одлуката можеби влијаеле и други детали надвор од ЕП, потсетуваат дека Марчинијак оштети англиски клуб (Њукасл) на дуелот со ПСЖ, на кој ја промени одлуката по сугестијата од ВАР собата и досуди пенал, кој Мбапе го претвори во гол за израмнување во 96. минута. УЕФА подоцна го казни ВАР судијата Томаш Квјатковски, кој фактички ја презема вината иако Марчинијак е тој кој решава за конечната одлука на теренот. Истиот Квјатковски беше главен во ВАР собата во полскиот тим судии и на ова ЕП.

Назначувањето на Летексие од друга страна можеби и не е толку големо изненадување, затоа што тој и досега беше сметан за „златно дете“ на судиската комисија на УЕФА. Стана најмлад Французин кој бил вклучен во елитната група на судии (на 32 години), а сега ќе биде и најмлад судија кој делел правда во финале на едно ЕП. Досегашен рекордер беше Андреас Фриск, кој го судеше финалето на ЕП 2000 на 37-годишна возраст.

Во досегашниот дел од првенството, Летексие судеше на дуелите Хрватска-Албанија, Данска-Србија и Шпанија-Грузија, додека Марчинијак доби шанса на само две средби, една во групната фаза и осминафиналето меѓу Италија и Швајцарија.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни