Екипата на МЗТ Скопје под водство на новиот тренер Ѓорѓи Кочов славеше над Блокотехна со 75-66 во дербито на второто коло во Супер-лигата.
Актуелниот шампион се прикажа во подобро светло на вечерашната пресметка во Гевгелија со што дојде до првиот триумф над Блокотехна во оваа сезона кога се во прашање мечевите од домашниот шампионат. МЗТ до полувремето направи предност од четири поени (43-39), позитива која ја зголеми во третиот период (62-52), по што рутински ја одработи завршницата.
Четворица играчи на „металците“ беа двоцифрени, Лалиќ даде 12 поени, додека по 11 имаа Крафорд, Соколов и новото засилување Бајиќ кој зад своето име додаде 9 скокови.
Во следната рунда МЗТ е домаќин на Гостивар, а пак Блокотехна гостува кај АВ Охрид. Токму денеска охриѓани направија пријатно изненадување и славеа над Куманово со 79-66, средба на која блескаше Ахметбашиќ со 28 кошеви.
Facebook Коментари