Петар Панов ја прекина доминацијата на Данилов и Сипковски

snooker petar panov dejan sipkovski 2019

Со одигрувањето на третото и последно коло оваа година од Националното првенство во снукер стигнаа и нови возбудувања. Кога сите помислија дека по одиграните две финалиња до крајот, сезоната ќе биде двобој на веќе познатите актери од последните две финалиња помеѓу Дејан Сипковски и Павле Данилов, со исклучителна смиреност и избалансирана игра, кавадарчанецот Петар Панов најави дека во Македонија има свежа крв за снукер надигрување со големите два фаворита.

Прва жртва во полуфиналето беше Павле кој беше надигран од полуфиналистот од минатото коло, 22-годишниот Панов, со чисти 2 спрема 0. И другото полуфинале не беше мазно за искусниот Сипе. По два фрејма, резултатот беше изедначен со големиот борец Александар Ставриќ. Сепак доминација на Сипковски во третиот фрејм го најави финалето помеѓу него и Петар Панов. Финалето го одбележа исклучителна неизвесност и по првите три фрејма Сипковски водеше со 2 спрема 1. Тогаш со изненадувачка смиреност и висок процент на успешност на внесување на долгите топки, налик неговиот искусен противник, Панов одолеа на притисокот на Сипе во четвртиот фрејм и обезбеди петти одлучувачки фрејм. А тој фрејм ни донесе неверојатен трилер каде црната топката одлучуваше за победник на мечот и турнирот. По неколку неуспешни обиди на двајцата, во последниот речиси успешен обид на Сипковски, црната топка застана точно пред дупката, а тоа на крајот значеше спортски подадена рака од несреќниот Сипе до победникот Панов.

До крајот на сезоната преостануваат уште два турнири кои се предвидени во првите два месеци од 2020 година и по нив вкупното рангирање ќе го одреди патникот во сениорска категорија кој САСМ ќе го испрати во Португалија како прв македонец кој играл на вакво континентално првенство во снукер. Предвидено е и најдобриот јуниор исто така во категорија под 18 години да настапи на првенството.

Воедно, Снукер федерацијата ја извести целата македонска спортска јавност дека на последното собрание на Олимпискиот Комитет на Северна Македонија, таа беше изгласана како нов член, што веројатно ќе даде дополнителна инспирација за сите снукер протагонисти во земјата за што поголеми успеси на патот на приклучување на овој спорт во фамилијата на олимписки спортови, што претставува неминовност во блиска иднина.

snooker2

Facebook Коментари