Пеп откри зошто посебно се радува на двобојот со Реал во ЛШ

pep-ls-topka

Понеделничката ждрепка во Нион ни донесе доста интересни двојки во осминафиналето во Лигата на шампионите, но сепак ако треба да се издвои само една, тогаш дефинитивно во очи паѓа двобојот кој ќе го имаат Реал Мадрид и Манчестер Сити.

Тоа е така поради тоа што станува збор за два исклучително силни тимови кои поседуваат фантастични фудбалери, но и поради фактот што Пеп Гвардиола ќе се врати во Шпанија и ќе го води својот состав против неговиот најголем ривал во текот на играчката, но и тренерската кариера.

Шпанецот денеска за првпат доби шанса да говори за осминафиналето со Реал во најелитното натпреварување, а со својата изјава јасно стави до знаење дека посебно се радува на тоа што ќе го сретне Зинедин Зидан.

– За мене ќе биде специјално што ќе го имам Зизу за противник во Лигата на шампионите. Зидан е еден од најдобрите. Кога бев играч, сонував да играм со него, но никогаш не се случи тоа. Немам зборувано многу со него, но имам импресија дека станува збор за неверојатна личност. Навистина многу го почитувам, убаво е да има такви луѓе како него во фудбалот. Ќе биде задоволство да го видам одново и посебно се радувам на тоа, – порача Пеп на денешниот прес и додаде.

– Реал Мадрид е кралот на Лигата на шампионите. Ова ќе биде неверојатен тест за нас, ќе се подготвиме најдобро што можеме. Ќе видиме како ќе стигнеме во февруари и во каква форма ќе биде Реал тогаш. Ќе се обидеме да одиграме два добри натпревари, – заврши за крај шпанскиот стручњак.

Facebook Коментари