Поранешен махер за спортска прогноза е добитник на „седумка“ од 100 илјади евра!

loto pomosno livce

Денес во просториите на Државна лотарија на Македонија се дружевме со најновиот лото милионер, кому согласно рокот, денес му ја исплативме премијата постигната во 92ро коло од играта на среќа НовоЛото 7/34, или точно пред 10 дена.  Ј.Ј. од Скопје е пензионер кој се едуцирал во област машинство, а работел во градежништво. Живее во центарот на Скопје и сакаше да ја задржи својата анонимност, но затоа со нас сподели интересни приказни.

Елоквентен, духовит, полн животна мудрост, на забавен начин ни подари влез во интересни периоди од неговиот живот, поврзани со игрите на среќа. За себе вели дека е хазардер по природа, но додава дека никогаш не го напуштила вербата во добивка. Соседите и пријателите се смееле кога редовно им повторувал дека во наредното коло премијата ќе е негова, но по извлекувањата им презакажувал за следно коло. Ете тоа следно коло дојде на 18ти ноември во оваа 2017та. Сега соседите би требало да му поверуваат, доколку им каже.

Нашиот 19ти лото милионер ни направи интересна паралела меѓу спортска прогноза и лото. За спортска вели мора да се знае комбинаторика, а за лото треба само упорност и верба дека твоите броеви од барем една од 10те колони, еден ден ќе бидат извлечени.  Тој со себе ги донесе електронските потврди за уплата кои ги чува од 3ти мај 2016та и внимателно пресметал дека од тогаш наваму, за уплата во 150 кола дал точно 30.000 денари. Редовно ги игра истите броеви и тие му се комбинација до која дошол по свое видување, без поврзување со родендени и други важни датуми. Не игра систем, уплаќа само 10 колони што го чини 200 денари по коло. Порано, како што вели нашиот најнов милионер, „во Титова Југославија“, со уште тројца другари играл спортска прогноза и уплаќале многу повеќе, сите имале добри примања и играле системски. Еден ден во 1983та не се собрале да играат заедно па тој решил да уплати сам. Добил „тринаесетка“ што носела тогашни 22.000 марки. Ги повикал другарите, им го покажал ливчето и на сите им поделил по 3.000 марки. Со дел од средствата заедно уплатиле и за неколку дена добиле „тринаесетка“ вредна 165.000 марки. Во таа 1983 година, дури 12 пати добиле главна премија на спортска прогноза. Но уплаќале и до 471 ливче, а само тој оддвојувал една петтина од платата.
Ј.Ј. ни раскажа дека уште чува исечок од весник од “Титова Југославија”, од 1951ва, каде пишува за неговиот татко кој бил првиот добитник на спортска прогноза и остварил добивка 121.000 динари. Ова секако потврдува дека во неговото семејство се пристутни вербата во игрите на среќа и добивките.

Денес, нашиот најнов член на лото милионери, од својата пензија, која изнесува 16.000,00, издвојува 10% за редовна уплата на 10 комбинации НовоЛото 7/34. Патува и во Србија а кога е таму уплаќа само по 4 комбинации на играта Лото бидејќи цената на комбинација изнесува наши 40 денари (или двојно повеќе од нашата). Вели дека ќе продолжи да уплаќа со истата динамика, истите броеви, исто по 10 комбинации. За средствата од 7ката ќе направи распоред, дел со ќерката дел за здравје, дел за подобрување на начинот на живеење. На заминување и нам ни порача со насмевка – Играјте Лото, никогаш не се знае.Нека му се со среќа и да си ги користи во здравје и благостостојба.

ЗА ДОБРО !

Facebook Коментари