Откако им одржа лекција: Мончи детално објасни зошто Рома морала да го продаде Салах и откри колку точно заработиле од него

monchi-race

Мохамед Салах имаше вонсериска партија во едно полуфинале во Лигата на шампионите, а судбината посака тоа да биде против неговиот поранешен клуб Рома, или поточно против неговите доскорашни соиграчи кои едноставно не можеа да му го најдат крајот на Египќанецот.

Салах постигна два гола и забележа уште две асистенции во победата од 5:2 на Ливерпул над Рома, а со оглед на тоа што напаѓачот на „црвените“ е топ тема во светската спортска јавност, оперативецот на „волчицата“ се најде во ситуација да дава детално објаснување за тоа како клубот толку лесно се откажа од него.

Мончи излезе со образложение дека Рома еднставно морала да го продаде Салах до крајот на месец јуни поради финансискиот фер плеј на УЕФА, а иако против своја волја, за него заработила само нешто повеќе од 42 милиони евра, сума која сега изгледа смешно со оглед на учинокот на популарниот Мо.

– Моравме да го продадеме сакаме или не сакаме до 30 јуни за да го испочитуваме финансискиот фер плеј на УЕФА. Немавме друго решение и покрај тоа што тоа не беше наша волја. Тој сакаше да си замине, а ние на крајот бевме приморани да го продадеме. Стануваше збор за трансфер кој надмина малку повеќе од 42 милиони евра, – образложува Мончи кој исто така нагласува дека Рома повторно верува во нова магична ноќ на „Олимпико“.

– Бевме мртви, но на крајот не вратија во живот. Еднаш успеавме да направиме пресврт, сигурно ќе се обидеме да го направиме тоа повторно. Болен е резултатот, но сигурно ќе се обидеме пред домашните фанови, – заврши главниот оперативец на Рома.

 

 

Facebook Коментари