Опел Ампера извозе 754,9 километри со едно полнење на акумулаторот!

Opel Ampera-e_1

Екипа на ТВ станица „Vox“ направи интересно тестирање со актуелниот шампион на електричен погон, Опел Ампера, возејќи дистанца од источната до западната граница на Германија со вкупна должина од 754,9 километри.

Според стандардизираните испитувања NEDC (New European Driving Cycle) самиот производител декларираше автономија до 520 километри, додека според новиот стандард WLTP (Worldwide Harmonized Light-Duty Vehicles Test Procedure) истата изнесува 380 километри. Овие две процедури се разликуваат во своите наоѓања бидејќи користат различни појдовни основи (пример: просечно времетраење на едно возење е 11 километри кај старата, а 23,25 километри кај новата процедура, брзината на возење има амплитуда до 121 км/ч кај NEDC односно 131 км/ч кај WLTP, а исто така и просечната брзина е поголема на 46,6 км/ч наспроти 34 км/ч во корист на новиот мериторен систем кој се смета за пореален), па оттука и разликите.

Сепак, во пракса сето тоа е само „мртво слово“, бидејќи хартијата трпи се, а статистиката колку што олеснува, толку и збунува. Затоа, ТВ станицата „VOX“ решила да провери што значи во пракса да се направи едно патување со Опел Ампера, поаѓајќи од Горлиц, град лоциран на тромеѓето меѓу Германија, Полска и Чешка, по локалните магистрални патишта кон Ахен, каде што е границата со Белгија и Холандија. Патувањето на тест тимот составен од уредникот Алберт Кенигхаузен и презентерот Александер Блох траело 25 часа и 30 минути, бидејќи на овие патишта се возело со брзина од 40 до 50 километри на час. Притоа, тие имале можност за надополна на акумулаторот преку конверзија на енергијата ослободена од сопирачките. Акумулаторот од 60 киловат часови бил испразнет по точно 754,9 километри, а видео снимката од тестот е веќе емитувана.

Со должина од 4,16 метри, Опел Ампера нуди комоција при патување за пет патници и багажник од 381 литар, додека акумулаторите се сместени во рамниот под на возилото. Моторот има 204 коњски сили и максимален влечен момент од 360 „њутни“. Забрзувањето од нула до 100 км/ч е за 7,3 секунди и крајна брзина која што е лимитирана на 150 километри на час. Дополнителен податок е времето потребно за таканареченото „меѓу-забрзување“ од 80 на 120 километри на час за време од 4,5 секунди, индекс кој што е битен при изведување на престигнувачки маневар.

Од нашата редакција доволна е забелешката кон ова дека се помала е разликата меѓу електричните возила и оние на традиционален погон (мотор со внатрешно согорување), бидејќи рангот во кој денешните возила од компакт класата се движат е околу илјада километри, а тука некаде се и останатите параметри и перфоманси. Доколку продолжи ваквиот тренд во електро-мобилноста, нема да биде чудо за една деценија ако возилата на електричен погон го преземат приматот и понудат двојно поголема автономија од сегашните автомобили, нудејќи притоа и поголем простор за патниците и багажот.

gorlitz to aachen opel ampera

Facebook Коментари