Поврзете се со нас

Шах

Одржана промоцијата на книгата „Дописниот шах во Македонија“

Објавено

на

Официјалната промоција на книгата „Дописниот шах во Македонија“ на авторот Љубомир Хаџи-Манев се одржа на 08.09.2021 г. на Саемот на книгата во Скопје.

„Дерби“ претходно го најави ова дело објавувајќи интервју со ФМ Љубомир Хаџи-Манев, во кое тој го објасни големото значење на ова дело.

Промоцијата во име на издавачот „Бата прес“ ја отвори Ненад Баткоски кој потенцираше дека ваков вид на книги недостасуваат кај нас, но негова желба и цел, како шахист, е да го потикне издавањето на шаховски книги, кои денес во светот се едни од најбараните и најпродаваните. Се заблагодари на рецензентите, ИМ Димитар Илиевски и ФМ Димитар Качаковски, како и на авторот за вложениот труд, со што книгата беше препознаена и подржана како проект од национален интерес од Министарството за култура на Македонија.

Потоа зборуваше ИМ Димитар Илиевски, кој подетално потенцираше некои интересни делови од содржината на книгата. Прво ги презентираше историските аспекти на шахот и на дописниот шах, а потоа ги истакна одличните резултати на македонската дописна шаховска репрезентација, која во поранешната држава во периодот од 1973 до 1989 година, на осум турнири на републиките и покраините (кои се играа на две години) беше севкупен победник. Ова беше огромен успех, меѓутоа во нашата шаховска јавност нажалост малку познат. Затоа оваа книга, која првенствено беше концепирана како монографија, има и голем придонес со историска важност. Во книгата се дадени околу 190 партии на нашите најуспешни дописни шахисти, кои се компјутерски обработени и коментирани со приложени многу дијаграми и претставуваат интересно четиво за шахистите од сите генерации. Авторот кој по струка е информатичар, посветува посебно поглавје на шахот и компјутерите, што денес во ерата на информатичката револуције е разбирливо, но и интересно за читетелот.

На крај зборуваше авторот, кој одговори на најчесто поставуваните прашања, а тоа се како настана книгата и колку време ја работеше. Истакна дека подготовката беше неколку години во собирање на матерјалот, бидејќи требаше да се опфати период од околу 50 години, се до 1990 година. Пандемијата со короната ја „забрза“ работата поради застојот на другите активности, па така пишувањето, корекциите и печатењето одземаа точно една година.

Промоцијата беше посетена од повеќе шаховски ветерани кои со своето присуство и дадоа посебен печат и тежина на самата промоција, а со тоа и на книгата, за што авторот им се заблагодари.

Книгата може да се набави кај издавачот “Бата прес“ од Скопје како и на саемскиот штанд за време на саемот до 14 септември.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни