Поврзете се со нас

Одбојка

Одбојкарската Федерација му врачи отказ на Матијашевиќ: „Спартанците“ добија нов лидер пред ЕП!

Објавено

на

Македонските одбојкари го освоија второто место на Европската сребрена лига и загубија во финалната завршница на домашен терен, а ова предизвика да видиме сериозен потрес во националниот тим, и тоа пред големото случување во месец септември.

Најсилната одбојкарска репрезентација ќе биде водена од нов селектор на Европското првенство во Тампере, откако Федерацијата денеска реши да му врачи отказ на досегашниот предводник Никола Матијашевиќ.

Душко Николиќ ќе ги предводи сениорите на големиот континентален собир во Финска, а на денешниот состанок, Извршниот одбор на Федерацијата му врачи отказ и на селекторот на јуниорската женска репрезентација.

– Душко Николиќ ги презема сениорите, ОФМ ја прекина соработката со Матијашевиќ и со Михајловиќ. Извршниот одбор на Одбојкарската федерација на Македонија донесе одлука да ги промени селекторите на машката сениорска и на женската репрезентација за одбојкарки до 19 години. По анализата на настапите и на резултатите во Европската сребрена лига 2021, во којашто македонскиот национален тим не успеа да го освои златниот медал иако финалето го играше на домашен терен, челниците на ОФМ ја прекинаа соработката со Никола Матијашевиќ и решија да му го доверат кормилото на репрезентацијата на неговиот досегашен асистент Душко Николиќ.

– Извршниот одбор на ОФМ го констатираше придонесот на Матијашевиќ во остварувањето на досегашните цели, но исто така ја истакна потребата од промена пред учеството на Европското првенство во септември во Тампере. Назначувањето на Николиќ ќе значи постојаност во работата на репрезентацијата, но од друга страна ќе овозможи и нов пристап во подготовките за нашето второ учество на континенталните самити.

– Промена има и кај јуниорките коишто се подготвуваат за Европското првенство наредната година кај нас. Извршниот одбор на ОФМ го разреши српскиот стратег Ненад Михајловиќ, кој го почна процесот на формирање на репрезентацијата за одбојкарки до 19 години, но немаше соодветни резултати на неколку подготвителни турнири. За наследникот на Михајловиќ Извршниот одбор ќе решава дополнително.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни