Поврзете се со нас

Македонија

Новогодишно интервју на „Дерби“ – Љубомир Савевски (РК Алкалоид): Вакво нешто прв пат гледам во македонскиот спорт!

Објавено

на

Формирањето на ракометниот клуб Алкалоид има посебно значење за македонската ракометна сцена, најмногу поради долгорочната стратегија, чија основа е квалитетен и модерен тренажен процес и давање шанса на млади и талентирани ракометари.

Компанијата „Алкалоид“ и Кире Лазаров како иницијатори на проектот се гаранција за исполнувања на очекувањата во однос на издржаноста на концептот и поддршка за него на долг рок, но реализацијата не е возможна без квалитетни стручњаци кои веќе се дел од секојдневните активности на клубот.

Благодарение на својата стручност, искуство и остварени резултати, приоритет на раководството во однос на одговорната тренерска позиција беше Љубомир Савевски, а под негово водство Алкалоид го заврши првиот дел од сезоната без пораз и на првото место во својата група.

„Дерби“ разговараше со Савевски, кој ги истакна импресиите за досегашната работа на клубот, но и она што допрва треба да биде реализирано.

ДЕРБИ: Прифативте да водите екипа составена од млади ракометари, која се натпреварува во втората по ранг лига. Што ви беше главна мотивација да го прифатите овој ангажман?
– Кога ми беше предочен “проектот Алкалоид” бев одушевен од фактот дека на двесетина посебно талентирани млади ракометари, кои беа кадетски младински репрезентативци, ќе им се овозможат исклучителни услови за напредок во нивниот развој. Тоа е единствената причина да прифатам да бидам дел од екипата која ќе работи на реализација на идејата. На играчите им се овозможени најдобрите услови, имаат квалитетни тренинзи, соодветна исхрана и суплементација, па навистина е задоволство да се работи во такви услови. Јас имам долгогодишно искуство и ова е нешто што за прв пат го гледам во македонскиот спорт.

ДЕРБИ: РК Алкалоид ја заврши првата полусезона на лидерското место во групата и без ниту еден пораз. Колку сте задоволен од прикажаното на теренот и каква е вашата проценка во однос на обезбедување пласман во Супер лигата?
– Секако дека сум задоволен од сработеното, но може и мора уште подобро и сигурен сум дека тоа ќе го покажеме во вториот дел од шампионатот. Заедно со уште 2-3 екипи сме главни фаворити за влегување во Супер лигата, се надевам дека тоа ќе бидеме ние.

ДЕРБИ: Водечките екипи во нашето првенство во главно се потпираат на странски играчи. Ќе има ли промени во Вашиот концепт по влегување во Супер лигата?
– Се уште не сме влезени во Супер лигата, но кога ќе се случи тоа, секогаш ќе биде присутна идејата да се фаворизираат македонски таленти и со нив да се постигнуваат успеси. Де факто, главниот тест ќе ни биде идната сезона и таму ќе мораме во посилната конкуренција да покажеме колку вредиме!

ДЕРБИ: Неколку ракометари на Алкалоид се веќе на списокот на селекторот Лазаров за подготовките за ЕП. Бидејќи и самиот имате долго селекторско искуство, каква е вашата проценка во однос на актуелниот ростер на Алкалоид и потенцијалот во однос на националниот тим?
– Фактот дека четворица ракометари на Алкалоид се наоѓаат на подготовките на репрезентацијата за европското првенство, кажува дека сме на прав пат. Се надевам дека нема да помине многу време кога тој број ќе се зголеми. Тоа не обврзува сите нас од РК Алкалоид да работиме уште подобро и поквалитетно, реализирајќи ја долгорочната стратегија на клубот.

ДЕРБИ: Пред нас е уште едно учество на Македонија на европските првенства. Какви се вашите очекувања и што би и порачале на оваа подмладена селекција?
– Подмладувањето на репрезентацијата требаше да се случи порано. Водени од 5-6 “стари борци”, овој нов бран на репрезентативци може да направи многу во формирање на една нова-победничка репрезентација која ќе може да победи секого. Првиот натпревар со Словенија ќе биде голем тест за оваа генерација. Имаме исклучителен пар голмани и ако имаат свој ден (односно 12-15 одбрани), ќе дадат сигурност и храброст кај останатите да го покажат својот талент и да го совладаат одличниот тим на Словенија. На европското првенство нема слаб противник и секој натпревар ќе биде нов предизвик и потврда на квалитетот. Се надевам дека ќе имаме многу убави моменти на овој шампионат.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни