Поврзете се со нас

Македонија

Новогодишно интервју на „Дерби“ – Атанас Костовски: Со години наназад имам иста желба!

Објавено

на

Името на Атанас Костовски е синоним за фудбалот во Македонија, почнувајќи со реализација на првите преноси за ТВ Скопје во 1965 година, а потоа и во Македонската телевизија каде што ги коментираше настапите и на нашата фудбалска репрезентација, како и сите големи фудбалски збиднувања на меѓународната сцена.

Имајќи ја предвид несекодневната 2021 година во која Македонија се појави на европскиот фудбалски самит, како и претстојните бараж натпревари кои можат да не однесат до Мундијалот во Катар, во новогодишното интервју за фудбалските теми поразговаравме со легендарниот „Таско“ кој ја ужива заслужената пензија, но со несмален интерес и љубов говори за фудбалските актуелности.

ДЕРБИ: Во 2021 година конечно се случи Европското првенство во фудбал, на кое Македонија го прокнижи првото учество. Имајќи предвид дека Вие како новинар го следевте македонскиот фудбал во последниве пет децении, како ја видовте и доживеавте оваа епизода?
– Букурешт и Амстердам беа остварен сон на сите фудбалски генерации. Најголемите македонски стручњаци успехот го препишуваа на новиот систем на натпревари, заборавајки при тоа и за сите други беа напишани истите ноти. Па дури и во успехот, пласманот на завршните натпревари на ЕП, како да не сакавме вистински да се израдуваме, притоа заборавајки дека соседите останаа дома, па ги гледаа Пандев и неговите другари на малите екрани во друштво на најпознатите фудбалери на Стариот континент. Можевме и повеќе, но драгоцено е тоа стекнато искуство да се игра на големата сцена, да се измерат силите со најдобрите европски репрезентации. Сите се здобија со неопходното искуство за вакви турнирски натпревари, од стручњаците, фудбалерите, раководството, новинарите до навивачите. Да даде Господ такви убави фудбалски нешта да ни се случуваат, па биле дури и резултат на некои нови пропозиции кои даваат шанси за потврда на сопствениот квалитет!

ДЕРБИ: Во 2022 година продолжуваме без Пандев и Ангеловски. Како гледате на промените во националниот тим под водство на Благоја Милевски?
– Секој почеток има и свој крај. Горан Пандев е плебисцитарен предлог на нашата генерација за македонски фудбалер на 21 век! Без него стигнавме до бараж натпревар за СП во Катар, но со негов драгоцен придонес до тој натпревар со Италија. Негов и на селекторот Игор Ангеловски! Таа сензанционална победа против Германија (2:1) со победоносниот гол на Пандев и под дирегентската палка на Ангеловски е тој богат „мираз“ за успешно поминување на квалификациската етапа од патот до бараж натпреварот со Италија. Таму каде застанаа Горан и Игор, успешно продолжија Адеми, Елмас, Барди, Ристовски, Димитриевски, Велковски, предводени од Благоја Милевски. Знаеме дека тој е долго време со репрезентативците, голем дел од нив ги предводеше на ЕП во Полска во составот на репрезенрацијата до 21 година, долго време „дишат како еден“, имаат право и тие да сонуваат убав фудбалски сон. Не треба да заборавиме дека речиси сите играат во силните европски национални првентва. Навременото напуштање на домашните фудбалски терени можеме да го набљудуваме како квалитетна странска инвестиција во нашиот репрезентативен фудбал. Промената на селекторската позиција е логична, но во некој паралелен универзум би била доживеана и реализирана помалку стресно.

ДЕРБИ: Се разбира, сите ги интересира Вашата прогноза: Ќе игра ли Македонија во Катар?
– Во животот, во спортот, во фудбалот сѐ е можно! Нема ништо сигурно! Ако се собере на едно место, таквиот евентуален наш пласман на Мондијалот во Катар преку Италија и Портигалија би бил подвиг на милениумот! Нема кој од овој наш простор, од оваа наша Македонија, без оглед дали е Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Бошњак, Влав или пак се чувствува како Бугарин, кој не посакува успех на нашата репрезентација. Но, да не заборавиме: фудбалот е повеќе од игра ! Да, дури баражите се играат на теренот на посилниот, што е сигурно, сигурно…

ДЕРБИ: Фудбалот во светот во 2022 година ќе се фокусира на светското првенство во Катар. Ќе паднат ли во заборав Роналдо и Меси, треба ли да се подготвуваме за нова иднина со Мбапе и Халанд или ти имаш свој фаворити?
– Да, сите фудбалски патишта ќе водат во Катар. Ќе патува Меси, а Роналдо допрва треба да ја вади фудбалската виза. Колку би било добро Елмас и другарите да бидат „виновни“ што тој нема да ја добие катарската фудбалска виза. И Меси и Роналдо веќе не се тоа што беа, без освоена титула од светските фудбалски првенства тие ќе бидат засекогаш во сенка на Пеле и Марадона. Не знам кој прв рекол дека светот на младите останува, но – очигледно е –во право е! Мбапе и Халанд имаат поголеми шанси да ја одбележат 2022 година отколку Меси и Роналдо.

ДЕРБИ: Пред две години бевте награден од ФФМ за животно дело поради заслугите за промовирање на македонскиот фудбал. Има ли нешто што денес ти недостасува од новинарската – фудбалската работа?
– Во мојот случај може да се рече дека „Никогаш не е доцна“. Кога ќе ти дадат признание по 80-та година, очигледно е дека не сум знаел да „соработувам“ со претходните раководства на ФФМ. Да! Го афирмирав фудбалот кога беше многу потешко отколку сега. Натпреварите се снимаа на филмска камера (шеснаесетка), снимателите добива максимум две ленти од по 30 метри (доволни за видео запис од три минути), а натпреварот трае и повеќе од 90 минути. Снимателите како Гањо, Драги, Васе, Добри, Црни, имаа непогрешливо око и чувство кога ја вклучат камерата, ќе беше „тешко нив“ ако голот и акцијата не се снимени. Потоа долг процес на развивање, монтирање, плус сето тоа под постојан притисок за да се стигне на време со слика и тон до гледачите. Натпреварите од другите градови беа следени преку дописна мрежа, со испраќање на лентите по автобуси. Денеска тоа е „лесно како песна“! Во моментов, на интернет преку продукцијата „Скендеровски“ во живо можете да ги проследите сите натпревари од Првата лига и оние најинтересните од двете Втори лиги, но на ниту една ТВ не можете збирно да проследите што се случува во фудбалскиот викенд. Само една недела да сум во некоја од националните телевизии, со „декрет“ би вградил во програмската шема емисија од најмалку еден час посветена на македонскиот фудбал. Емисија со голови од сите натпревари (што некој друг на послужавник ги нуди), анализа на натпреварите, на спорните судиски одлуки, видео галерија од најубавите голови, избор на фудбалер и екипа на колото, итн. Колегите телевизиски новинари треба да пројават малку поголема љубов кон домашниот фудбал, коментирањето на натпреварите не е единствената телевизиска работна обврска. Успехот на репрезентативниот фудбал треба да се преточи и во поголема застапеност на домашното првенство во програмите на националните телевизии.

ДЕРБИ: Таму каде што се игра фудбал, таму има многу страст, понекогаш и неправда. Примерот со Левандовски ќе остане запишан во историјата за 2021 година, а која е Вашата желба за исправање на некоја неправда во 2022 година?
– Истата желба што ја имам години наназад! Не е воопшто убаво фудбалските натпревари да ги слушаме на странски јазик, особено кога игра Македонија. Конечно има препорака од Владата тоа да се надмине. ТВ коментаторството во Македонија е струка која полека исчезнува, нема подмладок! Во идеални околности, би предложил и Закон за забрана на емитување натпревари од македонските репрезентации во било кој спорт доколку на територијата на Република Македонија не се проследени со коментар на македонски јазик. Локализацијата на спортските програми на македонски јазик треба да биде само почеток. Зборуваме за фудбалот, но тоа треба да важи и за кошарката, ракометот, одбојката, итн. Јазикот е нашето најсилно оружје, поубито од сите лажни аргументи кои се конструирани за негирање на нашата самобитност!

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни