Новиот Пежо 308 отсега опремен и со напредна технологија

peugeot 308 skopje 2017

Откако се појави во 2007 година, Пежо 308 ја задржа улогата на столб во продажбата на францускиот конструктор, но со втората генерација што се појави во 2013 година, беа собрани и признанијата како „Европски автомобил на годината“. Сега ова возило доаѓа со слоган дека е надградено со напредна технологија, што ја прави целата приказна уште поинтересна бидејќи станува збор за нешта кои претходно биле промовирани во повисоките класи.

Новата генерација на Пежо 308 доаѓа со облагородена внатрешност, при што отсега секој модел има и навигација во стандардната опрема, а оформениот „i-Cockpit овозможува целосна контрола и поврзување преку екранот 9,7 инчи. Натаму, производителот за 308 предвидел уште неколку модерни асистенти како детектор за замор, препознавање на сообраќајни знаци за брзина и препораки, автоматски кратки / долги светла, приспосблив темпомат и систем за предупредување при напуштање на лента.

Во пакет со надградбата доаѓа и „фејс-лифт“ со лого поставено во прегратка на предната решетка. Предната хауба и новата линија на браникот го дефинираат одлучниот изглед напред, додека со панорамски стаклен покрив и уникатната комбинција на лед-светла и „лавја канџа“ на стоп светлата се додава префинета уметничка нота на новиот дизајн.

Согласно трендот за зголемување на ефикасноста на моторите, досегашната PureTech“ генерација на трицилиндрични мотори нуди подобрени карактеристики од претходно, како во поглед на габаритот, така и за потрошувачката. Ќе бидат понудени и два нови мотори, еден бензински и еден дизел, со по 130 КС и шестостепен менувач. За крајот на годината е најавено уште едно надополнување на гамата со моделот GT, каде што ќе дебитира и автоматскиот менувач со осум степени на пренос.

Повеќе детали ќе објавиме кога ќе го добиеме возилото на тест возење.

Facebook Коментари