Поврзете се со нас

Формула 1

Новата возачка двојка на Ферари веќе собори еден рекорд

Објавено

на

Тоа што се шпекулираше изминативе два дена предмалку доби и официјална потврда- Карлос Саинц е нов член на тимот на Ферари.

25 годишниот шпански пилот ќе го замени Себастијан Фетел за кој пред два дена беше потврдено дека ќе го напушти тимот на Ферари по крајот на 2020 година.

Саинц потпиша двегодишен договор со италијанскиот тим, а заедно со Шарл Леклер веќе соборија еден рекорд на Ферари. Имено, оваа натпреварувачка двојка е најмладиот тркачки пар во историјата на клубот од Маранело.

– Многу сум среќен што ќе возам за Ферари во 2021 година и сум премногу возбуден за мојата иднина во овој тим. Се уште имам важна година пред мене заедно со Мекларен и со нетрпение очекувам да почнам повторно да се тркам за нив оваа сезона, -изјави Саинц кој со ваквиот премин направи огромен чекор во својата кариера.

Сезоната 2021 ќе биде маркантна по уште една работа за Ферари, тоа ќе е прва сезона по 2007 година кога тимот ќе го претставуваат двајца пилоти кои претходно не се закитиле со шампионска титула. Сепак, постои можност ваквата работа да биде анулирана доколку Шарл Леклер ја освои титулата оваа сезона која се очекува да започне кон средината на летото.

Инаку, Карлос Саинц зад себе имаше одлична сезона во таборот на Мекларен завршувајќи на шестата позиција во конечниот поредок. Тој беше највисоко рангираниот пилот ако се одземат возачите од „големата тројка“, Мерцедес, Ферари и Ред Бул.

Во сезоната што веќе е зад нас Саинц успеа за прв пат да се искачи на подиумот освојувајќи ја третата позиција на трката во Бразил со што на Мекларен му донесе прво одличје по 2014 година.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни