Нова улична трка: Формула 1 се проширува во Виетнам!

hanoi vietnam staza 2020

Со официјално соопштение за медиумите денеска беше обзнането дека од 2020 година ќе се организира трка за Големата награда на Виетнам.

Ова е прва трка што ќе биде вклучена во календарот на Формула 1 откако раководењето со спортот како негов промотер го презема американската компанија „Либерти медија“. Компанијата вели дека со одлуката да влезе во зделката со Виетнам ја потврдила својата посветеност кон публиката на Далечниот Исток, каде што уште се возат трките во Јапонија, Сингапур и Кина. Претходно, од календарот за 2018 година беше избришана трката за Големата награда на Малезија која се одржуваше минатите 20 години, поради укинување на владината субвенција за плаќање на концесијата за трката, која наводно е во износ од 50 милиони долари.

– Откако влеговме во спортот во 2017 година, разговаравме со потенцијални нови дестинации за да го прошириме имиџот на Формула 1, па Големата награда на Виетнам е реализација на тие амбиции. Одушевени сме што ќе бидеме во Ханои, еден од највозбудливите градови на светот во овој момент, со богата историја и неверојатна иднина пред себе. Ова е перфектна формула за гран при трките и со нетрпение очекувам оваа трка да стане хајлајт во Ф1 календарот,- вели Чејс Кери, извршен директор.

Според објавените податоци, патеката ќе биде долга 5,565 километри (3,458 милји) и ќе се одржува на јавни патишта, но ќе се изгради дополнителна секција со боксови и падок. Локален промотор е компанијата „Вин Груп“. Која нагласи дека договорот е повеќегодишен.

– Ова е дел од нашата мисија за „подобар живот на Виетнамците“. „Вин Груп“ сака да ја организира оваа трка бидејќи од неа очекуваме општи бенефити за општеството, како на пример креирање на повеќе работни места, надградба на инфраструктурата во Ханои, како и охрабрување на други големи настани да се случуваат во Виетнам,- гласи изјавата на Нгијен Виет Кванг, извршен директор на „Вин Груп“.

Виетнам е познат како втор светски производител на кафе, со околу 20% учество на пазарот. Името на главниот град Ханои во превод има значење на „град меѓу реките“, додека старото име Танг Лонг е „воздигнувачки змеј“.

Според претходните најави, Формула 1 преговара и со градската управа на Мајами каде што исто така е во оптек идејата за организација на трка, но не се соопштени официјлани детали.

Facebook Коментари