Поврзете се со нас

Италија

Никола Секулов за „Дерби“: Јувентус ме ангажираше на барање на претставници на првиот тим

Објавено

на

Македонија отсекогаш имала респектабилни фудбалски таленти, но од повеќе причини, меѓу кои и полошите услови од своите врсници низ Европа, само мал дел од нив направија повпечатлива кариера и стигнаа до забележителни успеси.
Фудбалските фанови во нашата земја неодамна со големи симпатии ја проследија веста дека 14-годишниот Никола Секулов стана прв Македонец кој потпишал договор со италијанскиот гигант Јувентус, што значи дека добива одлична шанса да ги искористи своите фудбалски предиспозиции и талент и да напредува во младинската академија од каде би добил шанса и во првиот тим.
Moжеби на прв поглед физички потсетува на Павал Недвед, сепак негов омилен Јуве фудбалер е Алесандро Дел Пјеро, а секој Македонец може искрено да се надева дека ќе успее најмалку да ја освои Серија А како Горан Пандев.

„Дерби“ разговараше со Секулов кој живее во Италија, но е и македонски репрезентативец, а во ова интервју ни откри интересни детали за неговата соработка со Јувентус, начинот на кој таа била реализирана и она што го очекува во црно-белиот дрес.
Она што е важно за талентираниот Никола е што потекнува од семејство во кое фудбалот игра важна улога и во кое тој и неговиот брат само ја продолжуваат традицијата.
– Мојот татко (Тодорчо) настапувал за Беласица и го има освоено првиот младински куп во самостојна Македонија, а го постигнал и првиот гол во ова натпреварување. Дедо ми бил голман во Тиверија, а неговиот брат чие име го носам, настапувал и за скопски Вардар. Традицијата ја продолживме јас и брат ми Мите кој е две години постар и во моментов настапува во младинската академија на Пјаченца.

Пјаченца и Парма се веќе минато за Никола, а сегашноста и иднината се поврзани со младинската академија на Јувентус. Секулов објаснува како успеал да ги убеди одговорните во Јуве дека го заслужува црно-белиот дрес?
– Во фудбалот ништо не е случајно, па ни мојот трансфер во големиот Јувентус. Настапував на турнир во периодот кога бев член на Парма, а меѓу учесниците беше и клубот од Торино. Одиграв многу добро на сите натпревари, постигнав гол од 40 метри против Борусија Дортмунд, а по натпреварот тогашниот тренер на Јувентус ми пријде и ми честиташе за прикажаното на теренот. Против Јувентус игравме во финале, јас пак постигнав гол, овојпат од пенал, но најважно беше што победивме. Неколку дена по тој натпревар, претставници на Јувентус стапија во контакт со мојот татко поканувајќи не на преговори во Виново. Тогаш немав ниту 14 години, па договорот беше да одиграм уште една сезона во Пјаченца, а потоа да се официјализира трансферот во Јувентус. Неодамна потпишав договор на 4 години и на почетокот ќе настапувам за У-14 екипата, а паралелно ќе го продолжам и моето школување во клупската база Виново.

13618238_1207845282567316_1259637161_n

Првите впечатоци отсекогаш биле важни, а Никола не ги крие импресиите од она што го доживеал по постигнатиот договор со Јувентус.
 – Никогаш нема да го заборавам моето прво влегување во тренинг центарот на Јуве во Виново, како и пречекот од клупската легенда Џанлука Песото. Првиот контакт го имав токму со него што покажува дека вака голем клуб не остава ништо на случајот. Вреди да се потенцира и мојот прв турнир во црно-белиот дрес, дебитирав против Барселона, а на истиот турнир го постигнав и првиот гол и тоа против екипата на Латина.

Јувентус е клуб во кој настапувале славни фудбалери, а и денеска има голем број врвни ѕвезди од кои Секулов може многу да научи.
– Се работи за голем клуб каде фудбалот е неверојатна пасија и работат врвни експерти. Во административната зграда можете да налетате на неуморниот Павел Недвед како што ми се случи мене уште првиот ден, а наскоро на тренинзите ќе ги следам и Погба и Дибала кои ми се фаворити меѓу актуелните играчи. Ако треба да изберам омилен фудбалер од било која ера, тогаш тоа е Алесандро Дел Пјеро.

Како изгледа да се биде член на академијата на Јувентус во однос на условите кои ги добиваат младите фудбалери?
– Тешко можам да го опишам задоволството, но и привилегијата да се биде член на Јувентус. Презадоволен сум што покрај другите понуди го избрав овој клуб кој ми понуди и најдобри услови. Сите знаеме кој е Јувентус и не верувам дека некој би се откажал од можноста да настапува за „старата дама“.

Иако е скромен и приземен, Никола не може докрај да го сокрие задоволството од бројните реакции од Македонија откако беше потврдено потпишувањето на договорот.
– Навистина сум позитивно изненаден од начинот на кој е проследена информацијата во Македонија, затрупан сум со честитки од сите страни, а нормално среќен сум и што има толку многу навивачи на Јувентус кои сигурно ќе ме поддржуваат.

13582251_1207845242567320_1892382895_o

За нас е многу важно што Секулов ја избра македонската репрезентација. Неговата генерација поседува голем потенцијал, а новиот член на Јувентус е убеден дека може да се стигне до солидни резултати.
– Веќе настапував за У14 и У15 репрезентациите на Македонија и презадоволен сум од условите што ги имаме во националниот тим. Имаме добар потенцијал, талентирани фудбалери, квалитетни тренери и мислам дека со напорна работа ќе можеме да стигнеме до добри резултати.


Ексклузивно за „Дерби“, Никола откри и една интересна информација која фрла поинакво светло на неговиот ангажман во Јувентус и ги потенцира големите очекувања на клубот. За разлика од практиката преговорите за талентираните играчи да бидат водени преку претставници на младинските академии, трансферот на Никола Секулов бил диригиран од највисока инстанца поврзана со првиот тим.
 – Ние уште од почетокот преговаравме со претставници на првиот тим и најистакнатите раководни лица (Секулов не открива имиња, но можеме да ги претпоставиме). Јас дојдов во Јувентус на нивно барање, а не преку преговори со претставници на младинската академија како што е вообичаено. Кога дојдов во тренинг центарот, ме однесоа да видам како тренира првиот тим, а не екипите од академијата. Тоа беше изненадување и за мене и за тренерите во младинските категории, но и за мојот (италијански) менаџер кој ми посочи дека досега немал такво искуство и привилегираност со младите таленти кои доаѓале во Јувентус, – открива Секулов кој веќе има и личен четиригодишен спонзорски договор со „Најк“.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни