Поврзете се со нас

Шах

Никола Митков: Нетранспарентното работење на федерацијата е во насока на сокривање на неспособноста

Објавено

на

Никола Митков е првиот македонски шаховски велемајстор кој титулата ја освои по осамостојувањето и независноста на Македонија, но како што самиот вели во интервјуто за „Дерби“, тој момент не се покажал доволен за да биде респектиран во својата татковина.

ДЕРБИ: Ретки се можностите да го сретнеме првиот македонски велемајстор Никола Митков во Македонија, можеш ли да ни откриеш каде си сега, што работиш?

– Шахот останува моја професионална определба, но за да можам да живеам од него, избрав да се преселам во САД. Таму освен тоа што играм турнири, имам ангажмани околу подучувањето на талентирани деца кои се дел од селекцијата на Илионоис, а некогаш и на САД. Ротациите се постојани, како што се менуваат талентите и нивните потреби. Меѓутоа среќен сум што можам да кажам дека сум ценет како професионалец и што успевам да го живеам сонот кој го имав од малечок.

ДЕРБИ: Дали не беше можно тоа да се случува во Македонија, па тука младите да имаа шанса да учат од тебе?

– Па еве, да споредам со најсвежиот пример, овој со ракометарите на Вардар, тука нештата се поставени дека ако некогаш успееш да направиш успех, можеби и ќе те наградат. Никаде во светот нема ваков систем, секаде постојат програми како да ти помогнат додека си млад, додека си во развој. Мене ми ветуваа разни нешта додека ги освојував нормите своевремено, но никогаш ништо не реализирале. Ако се сеќавам добро, треба да си петти во Европа за да добиеш некаква награда како шахист во Македонија, но да ви кажам искрено, јас ако стигнев до петто место во Европа, тогаш друга награда немаше да ми треба. Жал ми е што федерацијата, а ни државата, не вложува во младискиот шах, бидејќи ако сите земји го прават тоа, има зошто е тоа така. Само неколкумина од тие илјадници деца ќе станат шахисти, додека другите ќе имаат многу подобро разбирање на другите нешта што ќе ги изучуваат во иднина, без оглед дали е тоа математика или инжинерство. Не треба никој мене лично да ми вети нешто, доволно е да има турнири за македонските играчи да можат да играат и со тоа да се изборат за тоа што ќе го заслужат.

ДЕРБИ: Твојата приказна потсетува на низа други, каде што нашите истакнати поединци како на пример Милчо Манчевски, повеќе се ценети во странство, отколку тука, но дали имаш ти аспирации да играш во и за Македонија?

– Одамна никој не ми се јавил да ме покани. Да бидам искрен, минатата година откако го наименуваа повторно за селектор, Роландо Кутиров ми се јави и ме праша дали теоретски би сакал да играм за Македонија. Мојот одговор како и секогаш беше дека јас со задоволство настапувам за Македонија, но потребно е да се договориме за деталите. За жал шаховската федерација работи нетранспарентно, па најчесто или не ми е одговорено бидејќи нема одговорно лице кое има овластување за таква комуникација, или едноставно преку трети лица ми праќаат пораки дека „нема предвидени средсва во буџетот“, а тој буџет ниту некој го видел, ниту некој знае што предвидува. Насекаде во светот турнирите се организираат за да се заработат пари, но кај нас е обратно, тука само се трошат пари за да се организира некакво европско првенство и да се покаже дека нешто се работи. А за македонските шахисти – ништо! Осум години немаше затворено државно првенство, а кога конечно се случи ги немаше најдобрите играчи бидејќи не им беше излезено на сите играчи подеднакво во пресрет за да настапат на истиот. Со таквиот свој однос федерацијата направи да нема тројца велемајстори за да може на тој турнир да се освојат норми. И во минатото ШФМ се однесуваше медиокритетски, па гледам дека тој однос и натаму не е променет. Се однесуваат дека без секого се може и дека – еве, „ако Никола поставува услови, тогаш … ќе ја подмладиме репрезентацијата“. Јавноста треба да знае дека и ние како професионални спортисти издржуваме семејства, па ако не работиме да даваме часови, односно заминеме на турнир да играме за репрезентација, ние мораме да добиеме извесна надокнада за да преживееме. Со таквото (не)работење лошо влијаат на младите кои се во почетна фаза на изучување на шахот, бидејќи влијаат дестимулативно, па еден ден нема да имаат ниту млади шахисти за да ја пополнат репрезентацијата. Додека се млади не ги однеле на ниту еден турнир, не им организирале ниту еден камп, да не зборуваме за тоа дека не постои младинска репрезентација, ниту има именувано селектор за младите, ниту настапи на екипини европски првенства или младински олимпијади, бидејќи нели – тоа не е предвидено со буџетот…

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни