Недев и Панчевски се загреваа во грчкиот шампионат

filip pancevski i trajko nedev

Македонските репрезентативци ВМ Трајко Недев и ИМ Филип Панчевски учествуваа во 47. издание на грчкиот екипен шампионат, кој се одигра минатата седмица, додека екипното првенство на Македонија е на распоредот од 22 јули во Охрид, каде што ќе ги бранат боите на матичниот клуб ШК „Алкалоид“.

Мечевите од најсилната грчка лига се играат на 10 табли, каде што првите четири се резервирани за сениорите и каде што во многу екипи играа странци како Иван Чапаринов, Давид Навара, Иван Шариќ, Виктор Лазничка, Елтај Сафарли и други, при што Недев играше на прва табла за „Сикеос Неаполис“, а Панчевски на втора табла за „АМО Галаксија“.

Велемајсторот Недев (2.495) во седум одиграни партии освои четири бода, и тоа победа во прво коло против Панајотис Георганас (1.994), како и шест ремија до крајот со велемајстори кои имаат повисок рејтинг, од кои тројца од нив над 2.600 поени – Христос Баника (2601), Константин Лупулеску (2649) и Франциско Ваљехо Понс (2687). Со тоа, Недев имаше перформанс изразен во 2.555 рејтинг поени, со што потсети на своите најдобри резултати, а според неофицијалните информации малку недостигало и за поголема сензација заради пропуштена победа над ВМ Алберто Давид (2.553) во четвртото коло, со црни фигури.

Панчевски прокнижи само една победа над ВМ Саша Мартиновиќ (2.564), како и едно реми со ВМ Елтај Сафарли (2.608), додека пропушти да се истакне против послаби противници. На крајот, сепак, тимот за кој играше Панчевски беше седмопласиран, со четири победи и еден нерешен резултат, додека Сикеос на Недев заврши десетти со четири победи и три порази, во конкуренција на 34 екипи.

Facebook Коментари