Шах
Недев: Нема простор за импровизација со репрезентацијата!
Велемајсторот Трајко Недев е именуван за селектор на шаховската репрезентација на Македонија, по конкурсот кој беше распишан откако на претходните селектори им истекол мандатот за кој се избрани.
При настапот на Европското првенство во 2003 година, Недев освои и сребрен медал, а потоа долги години играше на „првата табла“ за Македонија и беше своевиден лидер на националниот тим. Како член на ШК Алкалоид, во 2016 година тој беше дел од тимот што го освои и Европскиот клупски куп.
ДЕРБИ: Koj беше пресудниот момент кој ве натера да се повлечете од настапите за македонската репрезентација и да се кандидирате за селекторската функција?
– Во Македонија повеќе од една деценија шахот беше потиснат на маргините и тешко се функционираше. Долга низа години федерацијата беше блокирана, а надлежните не покажаа слух за решавање на проблемот. Јас во репрезентацијата како играч бев 25 години и никогаш не сум одбил повик за настап, но со мојата возраст, сега почувствував дека повеќе можам да придонесам како тренер и селектор, отколку како играч. Јас веќе сум лиценциран како „ФИДЕ сениор тренер“, а од друга страна, бранот на подмладување на репрезентацијата веќе беше започнат. Со најголем дел од новите членови на репрезентациите веќе сум соработувал како нивни личен тренер и токму тоа ми даде поттик да продолжам да се вложувам во нивната надградба и како нивен селектор. Сакам да им се заблагодарам на оние кои претходно ја извршувале оваа функција, но во исто време да испратам порака до сите останати: јас се зафатив со работа затоа што верувам дека можеме подобро, време е и другите да покажат колку вредат, знаат и умеат. Претходно како играч имав впечаток дека во многу случаи настапите на репрезентацијата се третираат само како уште една обврска која што треба да пројде, но сега верувам дека веќе нема простор за такви импровизации бидејќи цврсто ќе ги бранам позициите што сметам дека се од национален интерес!
ДЕРБИ: Што понудивте во вашата програма за работа?
– Избрав да напишам кратка, но остварлива програма во којашто има неколку столбови: следење на формата на потенцијалните кандидати, избор на играчи, потоа подготвителен период и услови за настап. Овие четири нешта треба да бидат основа, но реално имаме намалена можност за настап за време на пандемијата, поради што следењето на формата ќе мора да вклучува и нивни партии преку Интернет, освен оние што традиционално се играат на табла. Изборот на играчи треба да се базира преку неколку параметри за оценување, а ќе ми користат за конечната одлука,како што е рејтингот (анализа на последните дванаесет месеци ), постигнатите резултати на државното првенство и тоа ако е „Бергер“ турнир, уште во расписот да стои дека првакот ќе е репрезентативец! Ако имаме само отворено првенство, тогаш ќе е еден од параметрите, и трето досегашните настапи како на поединечни турнири така и за самата репрезентација. Како последен параметар ќе ми биде перспективноста на играчот, преку број на одиграни партии, резултати на истите и возраста. Верувам дека и во минатото тоа било анализирано, но сакам да нагласам дека оние што сакаат да играат за репрезентацијата ќе мораат да играат на нашите државни натпреварувања (што досега не беше случај), со што и целиот процес ќе биде многу потранспарентен . Третиот столб, односно подготовките на репрезентациите е веројатно најважниот елемент затоа што освен што ќе се работи на подобрување на формата, мора да се работи и на создавање на позитивна атмосфера. Сметам дека е потребно да има подготовки најмалку двапати годишно. Таквите подготовки оптимално треба да траат пет дена и да бидат осмислени за да содржат практична игра, тренинг и теоретско подобрување. На крај, ќе се залагам и за варијабилно наградување на играчите, базирано на тоа на која табла играле и каков учинок имале. Треба да се ценат оние играчи коишто навремено го потврдуваат својот настап и покажуваат поголемо залагање, па затоа и федерацијата ќе мора подеднакво да им возврати.
ДЕРБИ: Каков напредок предвидувате за репрезентацијата?
– Сите сакаме да имаме репрезентација со којашто ќе се гордееме и којашто ќе оствари резултати коишто ќе бидат на високо ниво како што Македонија постигнувала и во минатото, но мора да се биде свесен дека за тоа да се случи потребно е да се ангажираат сите структури. Со моето назначување е завршен само еден дел од работата. Сите кои ме познаваат како професионалец знаат дека ќе дадам 100% од себе. Ако јас се вложувам во овој проект 100%, потребно е да се вложат и останатите и да ги обезбедат условите за работа. Мислам дека треба да се има и директор на репрезентациите кој што ќе обезбеди финансиска стабилност и средства за квалитетни подготовки, потоа да се изгради позитивна атмосфера внатре во екипата, взаемна соработка меѓу играчите, како и определување на реални цели и дефинирање награди за нивно остварување. Неопходни се и правилниците за настап и наградување . Има уште детали, околу обезбедувањето на подобри и навремени услови за настап при патувањата и сместувањето, комуникацијата со медиумите и можноста да ја придобиеме јавноста, а со самото тоа и спонзорите. Веќе стапив во контакт и со селекторите на Хрватска и Бугарија, Кожул и Арнаудов, од кои слушнав за нивните искуства и проекти, што дополнително ми дава инспирација за она што планирам да го направам. Успешноста на една федерација се цени меѓу другото и според односот кон репрезентацијата и резултатитете што таа ги постигнува при настап на меѓународни натпревари.
-
Англија19 часа
Фудбалер на Јунајтед со нова разочарувачка вест: Боли што мора да го напишам ова…
-
Евролига23 часа
Белград ќе чека нова шанса, Ф4 турнирот во Евролигата првпат ќе биде организиран надвор од Европа
-
Светски првенства23 часа
ФИФА ги одреди шеширите за ждрепката за Светското клупско првенство
-
АТП21 час
Мајката на Циципас: Ѓоковиќ е Босанец, но избрал да биде Србин
-
Шпанија21 час
Барселона со „петка“ ја прекина лошата серија, фановите воодушевени од асистенцијата на Јамал (Видео)
-
Германија20 часа
Нојер го доби првиот црвен картон во кариерата на Куп дербито со Баер (Видео)
-
Шпанија19 часа
Флик по триумфот на Барселона: Фала богу што дојде декември
-
Македонија23 часа
Омерагиќ ќе биде единствен кандидат за претседателското место во ФФМ