Натпреварот меѓу Наполи и Фросиноне под истрага поради големи уплати на необичен тип

gonzalo-1

Изминатиов викенд беше спуштена завесата на уште една сезона во италијанската Серија А, но ако во последното коло го дознавме конечниот епилог за тоа која екипа ќе остане во елитата (Палермо), а која ќе се пресели во Серија Б (Карпи), сега пристигнаа непосакувани информации од страна на влијателните медиуми за можно изрежирано сценарио на натпреварот меѓу Наполи и Фросиноне.

Тимот од „Сан Паоло“ имаше императив да победи на овој натпревар за да го потврди својот директен пласман во Лигата на шампионите, но за разлика од нив, Фросиноне немаше никакви амбиции за надигрување бидејќи веќе од претходно беше познат патник во втората лига.

Ова секако не беше никаква причина да се започне истрага за овој натпревар, меѓутоа до ваков потег од страна на луѓето од италијанскиот фудбалски врв дошло откако била забележана неверојатно голема уплата за еден крајно необичен тип за споменатиот меч.

Имено, пред стартот на натпреварот биле евидентирани уплати на огромни суми за тоа дека Фросиононе ќе добие црвен картон на мечот кој ќе се одигра на „Сан Паоло“, поради што обложувалниците „Интралот“, „Еуробет“ и „Голдбет“ биле приморани да ја отстранат оваа игра пред стартот на натпреварот за да биде спречена можна поголема загуба.

За да бидат сомнежите уште поголеми, Фросиноне остана со играч помалку на теренот по само 13 минути игра во Неапол, откако Мирко Гори заработи директен црвен картон од главниот судија Чели.
Инаку, Наполи го доби овој натпревар со конечни 4:0, а за тоа каков ќе биде епилогот од новиот обложувачки скандал во Италија, најверојатно ќе добиеме одговор во наредните неколку дена.

Facebook Коментари