Најголемото изненадување на Чоло за својот неверојатен животен пат: Никој од моето семејство не знаеше дека сум во Шпанија!

tomas-parti

Диего Симеоне во изминатите два преодни рока беше оневозможен да го засилува својот тим поради забраната за трансфери од страна на ФИФА, а тоа го натера да му даде шанса на еден од играчите кои беше во втор план претходно, младиот Томас Парти кој оваа сезона дефитнивно е најголемо изненадување во тимот на Атлетико Мадрид.

Томас ја придоби довербата од Чоло и веќе стана навика да го остава на клупата капитенот Габи, а со оглед на тоа што неговата ситуација во тимот вртоглаво се промени во изминативе шест месеци, младиот играч за врска сега не ни размислува за заминување.

Во ексклузивното интервју кое го даде за шпанска „Марка“, Парти призна дека изминатово лето му било забрането да си замине од Атлетико поради забраната за трансфери, но сега воопшто не размислува за напуштање откако успеа да се наметне во тимот и да добива шанси на средината на теренот.

Опширното интервју за мадридскиот весник му овозможи на Парти да направи ретроспектива на неверојатниот и луд начин на кој всушност тој пристигнал во Шпанија од родната Гана, пат кој дефинитивно е лекција за тоа колку трнлив и необичен може да биде патот на фудбалските ѕвезди.

– Татко ми играше фудбал и така го засакав овој спорт. Моја среќа во тоа време беше што се запознав со агент кој работеше со црни дечиња, а и тоа што едно дете кое беше подобро од мене одлучи да остане во Гана и да игра за тим од мојата земја. Тоа ми даде шанса на мене и кога агентот ме праша што сакам да бидам во животот, му кажав дека сакам да успеам во фудбалот. Во тој момент бев во тим кој се натпреваруваше да влезе во прва лига, но им порачав дека никогаш нема да потпишам договор со нив, бидејќи после нема да ми дозволат да си заминам во обидот да добијат што повеќе пари. Тоа беше вистинскиот потег, а потоа дојде денот на моето заминување кое не го знаев ниту самиот јас. Дојдоа луѓето на мојот агент, ми го дадоа пасошот, ме внесоа во автомобил и ме одведоа на аеродром. Мојот такто не беше дома, никој од моето семејство не знаеше каде сум. Ако претходно им го најавев ова, ќе имаше проблеми. Го искористив моментот, отпатував за Шпанија и веќе никој не можеше да ме врати, – открива Томас кој доловува и каква била реакцијата на неговите родители кога дознале дека е во Шпанија.

– Мојот татко секогаш ги прифаќаше моите одлуки, бидејќи и тој знаеше како е да се нема помош од никого. Не ми кажа ништо, еден месец по моето доаѓање во Шпанија почна да ми праќа пари за да си купам копачки. За разлика од него, мојата мајка беше загрижена и мислеше дека ќе ми се случат многу нешта. Понекогаш ги слушам, понекогаш не. Поради тоа донесов одлука да отпатува за Шпанија без да му кажам на никого, иако не знаев во кој клуб ќе имам проба, – обелоденува играчот за врска кој инаку е продукт на младинската школа на Атлетико.

Facebook Коментари