Поврзете се со нас

Лига на шампиони

Нацева: Бевме избрани да го оствариме големиот успех со Кометал ЃП

Објавено

на

Пред точно 15 години македонскиот ракомет го постигна најголемиот успех на европската клупска сцена, а ракометарките на Кометал Ѓорче Петров ја израдуваа нацијата со освојувањето на европската титула и тоа по подобриот скор во финалниот двомеч со унгарски Ференцварош.

Вечерва во Скопје дел од ракометарките, стручниот штаб и претставници на тогашното раководство имаа средба за одбележување на јубилејот, на која се потсетија на големиот подвиг направен во 2002 година. Една од македонските ракометарки кои беа важен дел од тој тим беше Гордана Нацева, која го потенцираше значењето на тој успех на Кометал.

– Тоа беа величествени моменти, благодарна сум што бев дел од оваа приказна, од оваа историја на македонскиот ракомет и спорт. Од оваа временска дистанца можам да кажам дека сме биле одбрани, и како луѓе и како спортисти и сопственикот на клубот, значи бевме одбрани да го направиме ова. Бидејќи сега сум вклучена со друг ангажман во овој спорт, сега гледам колку било тешко да се направи вакво нешто, – изјави Нацева.

Дали се ќе биде исто ако и Вардар стигне до истиот успех?

– Успехот ќе биде ист, но нема да биде исто тоа што според новиот систем на натпреварување тој успех ќе го славиме во Будимпешта, па до пристигнувањето во Скопје ќе мине најмалку еден ден. Она што нам ни се случи беше нешто што може да се посака, борба за титула на домашен терен со два гола негатива од гостувањето на првата средба. Потоа веднаш го продолживме славјето на Плоштад, во таква ситуација споделувањето на енергијата со публиката е свежа и тоа е уникатно чувство. Не ми се верува дека минаа 15 години, се надевам нема да чекаме уште долго да се повтори успехот, а бевме блиску пред неколку недели, –  потенцираше некогашниот голман на шампионската генерација на Кометал Ѓорче Петров.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни