МЗТ и Гостивар сигурни, Работнички ја доби драмата во Битола

Rabotnicki-Kumanovo2

МЗТ Скопје и Гостивар се задржаа на делба на првата позиција во македонското кошаркарско првенство, со победите остварени денеска во рамките на 13. коло. Најнеизвесно беше во Битола каде Пелистер и Работнички одиграа две продолженија за да го решат победникот на ова дерби, а на крајот се радуваа гостите од Скопје.

Домаќините имаа шут за победа во последните секунди, но не го искористија па резултатот 94:94 беше најава за продолжение. Во првото, Пелистер израмнуваше од слободни фрлања во последните секунди, а во второто, Работнички направи серија за 104:110, па на битолчани не им помогна ниту тајм-аутот на 3:17 минути до крајот.

Гостинскиот состав славеше со 110:115, а Лесколт постигна дури 43 поени, дваесет повеќе од вториот најдобар стрелец Мијатовиќ. Во редовите на Пелистер, Зекири го завршил мечот со 28, а Мекиќ со 25 поени.

Актуелниот шампион МЗТ имаше незгодно гостување кај Куманово, но истото го доби со резултат 60:73, откако одигра многу подобро од противникот во вториот и третиот период.

Крстевски со 20, односно Николов и Милошевиќ со по 13 поени биле најефикасни во победничката екипа, а најрасположени кај Куманово биле Црниќ и Марковски со по 15 поени.

Гостивар на домашен терен го совлада Вардар со 77:68, а гостите одржуваа резултатска неизвесност барем до крајот на првото полувреме.

Ѓелетовиќ со 21 и Доналдсон со 18 поени го предводеа Гостивар до десеттата победа сезонава, а кај Вардар се истакнал Робев со 19 поени.

Табела: МЗТ 10/3, Гостивар 10/3, Куманово 9/4, Работнички 9/4, Еуро Никел 9/4…

Facebook Коментари