Муроја го зголеми водството во светското првенство со триумфот во Казан

michael gulian kazan 2019

Осумдесет илјади гледачи на Red Bull Air Race овој викенд во Казан, Русија, беа сведоци на зголемување на разликата на јапонскиот пилот Јошихиде “Јоши“ Муроја на врвот од генералниот пласман со неговата втора победа во исто толку трки. Веднаш зад него заврши Австралијанецот Мат Хол, кој сега се зацврсти како еден од фаворитите оваа сезона, додека најголемиот ривал на Муроја, актуелниот светски шампион Мартин Шонка од Чешката република, останува во игра, овојпат како трет на подиумот.

Казан, Русија – Повремениот дожд и ветарот со променлива брзина создадоа проблематични и предизвикувачки услови за трката со реден број 92 од Red Bull Air Race, но сепак, во финишот, сонцето излезе за последните возења од финалната четворка, а најсилно блесна за шампионот од 2017, Јошихиде Муроја. Откако го порази победникот во квалификациите Мика Бражо од Франција во рундата со осуммина пилоти, Муроја леташе како прв во финалната четворка, и оствари време од 1:03:496. Следен леташе Шонка, кој постигна само 1:04:238, а Франсоа Ле Вот од Франција, за кого ова беше прв настап во најдобрите четворица од 2016 година, заработи казна. Се зависеше од Хол, трикратен второпласиран пилот на ова светско првенство.

Летот на Хол не беше разочарувачки, неговото прво време беше едвај зад Муроја, а потоа во еден момент тој се лизна на повеќе од половина секунда зад него, но Австралијанецот некако успеа да се врати во игра и ја остави публиката без здив завршувајќи го својот лет на само 0.185 секунди зад победникот Муроја.

Yoshihide Muroya (JPN) (C), Matt Hall (AUS) (L), Martin Sonka (CZE) (R)

– Овде имавме многу добро чувство од почеток. Денеска ветрот се смени, па беше навистина тешко да се најде вистинската патека, но мојот тактичар Бен ми помогна. Тимот работи многу добро. Сите работат вредно и јас можам да се опуштам, за да летам како робот. Авионот е навистина брз и јас само си ја вршам работата. Денеска бевме многу близу со времињата, а и со поени сме се уште близу на табелата, па не можам да се опуштам за следната трка. Секако дека ќе се борам за победа на езерото Балатон,- изјави Јапонецот по втората овосезонска победа.

Муроја се зачлени во многу ексклузивен клуб: само уште еден друг пилот има победено на првите две трки во светското првенство, а тоа е трикратниот освојувач на титулата Пол Боном од Велика Британија.

Со календар од само четири потврдени трки во 2019 година, натпреварот во Казан практично ја означува средина на сезоната. Пласманот на светското првенство пред втората половина на сезоната е следен: Муроја има запишано 53 поени, што претставува девет поени предност пред второпласираниот Шонка. Со 36 поени, Хол скокна на третото место на табелата. Со 25 поени за победникот, и поените кои се достапни за првите тројца во квалификациите, лидерите ќе треба да се борат со останатите четиринаесетмина од пилотската „глутница“, како и меѓу себе на премиерниот настап на езерото Балатон, во Унгарија, за само четири недели.

Шампионот од 2016 година Матијас Долдерер од Германија не се тркаше во Казан откако неговиот тркачки авион беше оштетен од удар во воздушен столб и не можеше да биде поправен до денот на трката.

Следува претпоследната битка за Светското првенство на Red Bull Air Race во градот на ресорти Замарди, на бреговите од езерото Балатон, во Унгарија, на 13-14 јули 2019 година.

Ben Murphy (GBR) kazan 2019

Резултати, мастер класа Казан 2019: 1. Јошихиде Муроја (Јапонија) 2. Мет Хол (Австралија), 3. Мартин Шонка (Чешка), 4. Франсоа Ле Вот (Франција), 5. Бен Марфи (Велика Британија), 6. Кристијан Болтон (Чиле), 7. Николас Иваноф (Франција), 8. Мика Бражо (Франција), 9. Пит МекЛеод (Канада), 10. Мајкл Гулијан (САД), 11. Хуан Веларде (Шпанија), 12. Кирби Шемблис (САД), 13. Петр Копфштајн (Чешка), 14. Матијас Долдерер (Германија)

Пласман по две трки: 1. Јошихиде Муроја (Јапонија) 53 поени, Мартин Шонка (Чешка) 44 поени, 3. Мат Хол (Австралија) 36 поени, 4. Николас Иваноф (Франција) 30 поени, 5. Мика Бражо (Франција) 26 поени, 6. Мајкл Гулијан (САД) 25 поени, 7. Франсоа Ле Вот (Франција) 21 поен, 8. Хуан Веларде (Шпанија) 16поени, 9. Бен Марфи (Велика Британија) 15 поени, 10. Кристијан Болтон (Чиле) 13 поени, 11. Кирби Чемблис (САД) 13 поени, 12. Пит МекЛеод (Канада) 10 поени, 13. Петр Копфштајн (Чешка) 5 поени, 14. Матијас Долдерер (Германија) 3 поени.

Facebook Коментари