Мурињо беше во елемент и во микс-зоната: По провокациите во Торино, ги истрола и луѓето од ФА (Видео)

joze-bonuci

Жозе Мурињо и натаму останува топ тема за разговор по крајот на вчерашниот меч меѓу Јувентус и Манчестер Јунајтед во Лигата на шампионите, од едноставна причина што португалскиот стручњак ги провоцираше домашните фанови на „Алијанц“ стадионот откако неговиот тим направи чудесен пресврт во последните минути.

Мурињо на прес-конференцијата по средбата истакна дека бил навредуван од страна на фановите на Јувентус и неговата реакција била последица на собраниот гнев за време на мечот, но сепак видеото кое ни доаѓа од микс-зоната ни укажува дека Португалецот бил расположен за подигрување и веднаш по крајот на средбата во Торино.

Новинарката која му правеше блиц интервју го запраша Мурињо каква порака добил од лутите играчи на Јувентус, а Жозе и одговори во саркастичен стил, фаќајќи им сеир и на луѓето во ФА.

– Дали разбираш италијански, – ја запраша Мурињо новинарката, а откако доби негативен одговор и го порача следново:

– Тогаш прашај ги во ФА, тие ќе преведат и за тебе, – истакна Мурињо кој се прсна од смеа пред камерата.

Оваа порака на Мурињо доаѓа како резултат на тоа што англиската Фудбалска асоцијација извесно време се занимаваше за неговата реакција по крајот на мечот со Њукасл во домашното првенство, по што беа ангажирани преведувачи кои утврдија дека тој пцуел на португалски јазик во главната камера на „Олд Трафорд“.

Facebook Коментари