Мртва трка: Ден без калкулации и само едно реми (ФОТОГАЛЕРИЈА)

r8 003

Десеттемина шахисти кои се во борба за првите позиции на „Скопје Опен“ денеска во рамки на 8.коло имаа остри и бескомпромисни мечеви во настојување да остварат цел поен во дуелите со директните противници, па само еден дуел меѓу водечките заврши без победник.

Рускиот ИМ Вјачеслав Тличеев на првата табла му го нанесе вториот турнирски пораз на ВМ Роландо Кутиров, додека ИМ Никола Николовски успеа да го надигра најпријатното изненадување, Горан Главинац, кој во претходните два дуели блесна со победа над ВМ Звонко Станојоски и реми со ВМ Владимир Димитров. Третата победа му припадна на ИМ Борољуб Златановиќ кој играше со ФМ Шкелким Цела, па така овие шахисти сега се лидери на табелата по 8. коло со по 6,5 поени. Единственото реми во борбата за врвот го имаа шахистите на ШК Алкалоид, ВМ Звонко Станојоски и ФМ Тони Лазов, кои последни завршија со играта, но тоа не доведе до победник во мечот.

Во утрешните дуели од 9.коло  –  кои ќе бидат пресудни за дефинирање на победникот, само ИМ Никола Николовски е со бели фигури и ќе игра против ФМ Димитар Качаковски. Тиличеев и Златановиќ ќе играат со црни, при што ФМ Љубомир Илиќ ќе ја има предноста на почетниот потег во дуелот со рускиот интер мајстор, додека Борољуб Златановиќ ќе игра со гостинот од Белгија, Стевен Ванден Бусшен, кој претходно беше поразен од Николовски.

chevron-right chevron-left

Facebook Коментари