Модерен симулатор на камион отсега ќе го подига нивото на Центарот за обука „Америт“

simulator amerit

Транспортните фирми во Македонија отсега имаат нов сојузник во борбата за пониски трошоци преку заштеда на гориво и правилна употреба на сите системи кај товарните возила со цел за избегнување дефекти.

Центарот за обука на СИЗ „Македонија сообраќај“ – АМЕРИТ се опреми со најмодерен симулатор на камион од типот „Мерцедес“, кој ќе овозможи пред-подготовка за возење и маневрирање на различни патишта и при различни временски и сообраќајни услови на патот. Центарот е прв во регионот кој нуди ваква опрема која ќе биде подеднакво достапна како за идните кандидати за возачи, така и за сите оние возачи на камиони кои ќе сакаат да ги подобрат своите вештини.

Симулаторот претставува подвижна камионска кабина што ги симулира движењата на камионот во секакви ситуации. На него возачите можат да ги учат или доусовршуваат нивните способности за возење камион во урбана и рурална средина, за маневрирања, возење по тешки терени, рационално возење и слично. За време на обуката, инструкторот преку посебна конзола го следи возењето на возачот и може да ја менува околината во која се наоѓа камионот преку густината на сообраќајот, временските околности, теренот и слично. На крајот на возењето се формира извештај за начинот на возење на возачот преку однапред поставени параметри и се оценува способноста на возачот.

– Со новата современа опрема, АМЕРИТ успешно ја реализира идејата за заокружување на процесот на обука на возачите за меѓународен превоз со вметнување на практично симулирано возење и маневрирање на камион. Ние сме посветени на зголемување на квалитетот на транспортот преку обуките што ги нудиме, нудејќи им помош на транспортните компании во едуцирање на возачите и останатиот персонал кој е вклучен во транспортот и континуирано работиме на зголемување на свесноста кај возачите за поголема безбедност но и на нивната подготвеност,- изјави раководителот на Центарот за обука Синани Хајдин.

simulator amerit press

Симулаторот нема да биде достапен само за доостручување и практична обука на идните кандидати возачи што ќе ги користат услугите на едукативниот центар на АМЕРИТ, туку и за сите возачи кои ќе сакаат да ги подобрат своите вештини за возење и маневрирање, односно за секоја компанија која ќе сака да ги подобри капацитетите на своите возачи.

Центарот за обука на СИЗ „Македонија Сообраќај“ – АМЕРИТ, кој за прв пат е отворен во 2007 година, е дел од Академијата на ИРУ (International Road Transport Union) која што е целосно посветена на креирање современи програми за обуки во транспортниот сектор. Со добиените акредитации за обука од страна на Академијата на ИРУ, центарот за обука на АМЕРИТ нуди гаранција за квалитетни обуки со инструктори кои поседуваат меѓународни сертификати.

simulator amerit test

Facebook Коментари