Поврзете се со нас

Македонија

Милосављев: Тоа што се случи во Скопје не го доживуваат ниту најголемите фудбалски и НБА тимови

Објавено

на

Дејан Милосављев остана само една сезона во Вардар, но истата ќе се памети по неверојатниот и незаборавен успех, година во која македонската ракометна гордост стигна до својата втора титула во Лигата на шампионите.

Во неизмерно тешки услови поради финансиската криза во која западна клубот, играчите го дадоа максимумот на теренот иако не беа исплатени за тоа што го работат, а со херојскиот чин, станаа вистински миленици меѓу големите фанови на Вардар кои приредија вистински спектакл при историскиот пречек во Скопје.

Милосављев ја започна својата трета година во Фуксе Берлин и одлично му оди во Германија, но сепак се уште му се свежи сеќавањата во Скопје, град во кој ги доживеа своите најдобри моменти како ракометар.

– Тие три дена за време на фајнал-форот во Келн не можев да спијам, можеби спиев по еден час дневно. Не можев ниту да јадам. Обично сум опуштен, немам трема, но во Келн менував маица на секој половина час бидејќи се препотував. Чувствував голема одговорност, сите соиграчи ми веруваа и сакав да им одговорам како што треба.

– Кога победивме, како некој да ме лансираше на врвот на Ланксес арената, не знаев каде да одам, каде да се свртам. Навистина не знаев што да правам во тој момент, – вели Милосављев во интервјуто за српски „Журнал“, во кое го прераскажува и незаборавниот пречек во Скопје.

– Тоа што се случи во Скопје не го доживуваат ниту најголемите фудбалски и НБА тимови. Вистинско совршенство. Им симнувам капа на сите тие луѓе кои навиваа за нас и кои не дочекаа на таков начин. Македонија живее за ракомет, живее за Вардар. Два дена после тоа, летав за Србија и кога влегов во авионот си реков „Добредојде во реалноста“. Во мојата земја луѓето не ме препознаваа како во Скопје. Србија е земја на врвни кошаркари, фудбалери и тенисери, во Македонија бев ѕвезда и се чувствува посебно. Таму не можев да шетам мирно на улица, луѓето ми бакнуваа раце и не можев да поверувам. Мојата мајка која одеше крај мене плачеше секојпат кога некој ќе ми пријдеше. Благодарен сум за сето она што го доживеав во Скопје и благодарен сум му на Вардар што ми овозможи да ја освојам Лигата на шампиони, – вели Милосављев.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни