Поврзете се со нас

Македонија

Михаилов по победничкото деби во Брера: Во Струмица имаме ситуација која е раритет во Македонија

Објавено

на

Горазд Михаилов е еден од најценетите фудбалски работници во мак-фудбалот, а како човек со таков епитет, искусниот стручњак брзо си пронајде нов ангажман откако претходно се раздели со Вардар.

Михаилов ја презема Академија Пандев Брера и прифати да го води проектот на клубот од Струмица, па веќе во првиот меч под негово водство се виде резултат со победа над Беса од 3:2.

Брера поведе со 3:0 и практично го реши прашањето околу победникот до 60-та минута, па иако во продолжение прими два гола, успеа мирно да го приведе мечот до крај.

По остварената победа на дебито во Струмица, Михаилов одговори на неколку прашања поставени од „Дерби“, при што не пропушти да нагласи дека било доста тешко да се подигне тимот по трите порази во низа во домашното првенство, но и дека во Струмица наишол на ситуација која е раритет во мак-фудбалот.

– Имавме психолошки тежок натпревар после три последователни порази. Беше тешко да се мотивираат играчите и да се врати тимот на посакувано ниво. Според играчкиот кадар кој го имаме, овој тим заслужува да победува и пред мечот зборувавме дека мора да се даде максимумот. Императив беа трите бода и го остваривме тоа. Момците одиграа онака како што се договоривме, па иако имавме мал пад и примивме два гола, лесно го приведовме мечот до крај. Заслужено победивме и можевме да постигнеме и повеќе голови во вториот дел. Верувам дека ова е само старт, ќе бидеме уште подобри во иднина.

– Ростерот на играчи е на завидно ниво, можам да кажам дека Брера поседува добар фонд на играчи, тоа се домашни фудбалери, но и фудбалери од странство. Треба да се спомене и младинската школа на Брера Струмица која црпи доста квалитетни играчи. Такво функционирање е раритет во нашата држава, па затоа се обидуваме на секој тренинг да вметнеме по некој играч од школата. Има играчи кои се родени во 2008-ма година, а кои доаѓаат да тренираат со првиот тим. Сакаме да почувствуваат како е во професионалните води.

– Во однос на менталитетот, вистина е дека беше паднат по трите порази по ред. Тешко е да целите на големи нешта после таква серија, но лигата е доста израмнета и секој може да изненади секого. Прва цел во оваа полусезона е да освоиме што е можно повеќе бодови, да се екипираме, а потоа ако може да се реконструираме со нови играчи за вториот дел од сезоната. Се уште е рано да се зборува за тоа, престојат уште 13 натпревари до крајот на првиот дел од сезоната. Како што реков, прва цел е да освоиме што е можно повеќе бодови, а потоа ќе размислува за тоа што следи, – изјави Михаилов за „Дерби“.

Следен натпревар за Горазд и неговиот тим е оној против Работнички во Скопје, а истиот се игра утре во 15:00 часот.

Advertisement
Advertisement

Италија

Advertisement

Популарни